Македонија

Сиљановска Давкова го прими шефот на канцеларијата и специјален претставник на СЗО, Аким Али

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими Аким Али, шеф на канцеларијата на Светската здравствена организација и специјален претставник во Скопје.

На средбата, претседателката Сиљановска Давкова беше информирана за тековните активности, улогата на СЗО во земјава и во регионот и нивната соработка со локалните здравствени институции со цел подобрување на отпорноста на здравствените системи за справување со пандемии, или здравствени кризи.

Во разговорот, претседателката Сиљановска Давкова ја потенцираше важноста од усогласување на националните здравствени политики со глобалните здравствени стандарди и ја истакна својата поддршка на напорите за елиминирање на сите регулаторни, политички, или социјални бариери со цел спроведување на ефективни здравствени програми.

Во интерес на зајакнување на здравствениот систем на земјата, превенција на болести и промовирањето на здрави навики, претседателката ја посочи важноста од натамошен развој на стратегии за зголемување на свеста и јавната поддршка за тековните здравствени иницијативи, особено во руралните, или недоволно развиените области.

На средбата беше изразена подготвеност за продолжување на соработката на СЗО со македонските институции со цел поддршка на реформските процеси во областа на здравството, јакнење на капацитетите за рано предупредување и подготвеност на државата за брз одговор на итни здравствени ситуации.

На почеток