„Секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост“: Ахмети упати писмо до Мицкоски
ДУИ информира дека денеска, претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, упати официјално писмо до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и одржливоста на земјата.
Писмото, како што велат од ДУИ, е одговор на сериозните предизвици со кои се соочува Северна Македонија во еден исклучително чувствителен геополитички момент, кога секоја нова тензија може да има негативни последици врз меѓуетничките односи и внатрешниот развој. Ахмети истакнува дека одлуките за укинување на заштитните механизми за заедниците и измените на Законот за употреба на јазиците не само што се политички контроверзни, туку се опасни и штетни за напредокот и одржливоста на општеството.
ДУИ апелира до политичките партии и институции за поголема одговорност и зрелост во овој критичен период, поттикнувајќи решенија кои ќе ја зајакнат соработката и заедништвото, а не поделбите. Писмото на Ахмети, кое е приложено во целост во ова соопштение, претставува повик за соработка, взаемна почит и конструктивен дијалог.
ДУИ останува посветена на заштитата на меѓуетничкото разбирање и инклузивноста, кои се темели на напредокот на Северна Македонија и нејзината европска иднина.
Писмото на Али Ахмети до Христијан Мицкоски
Почитуван г. Христијан Мицкоски,
Претседател на ВМРО-ДПМНЕ,
Ви се обраќам во исклучително чувствителен период за нашата земја. Геополитичката состојба е поопасна од кога било од крајот на минатиот век, со ескалацијата на руската агресија во Украина, амбициите на Кина, сложената ситуација на Западен Балкан, нестабилноста во Босна и Херцеговина, тензиите меѓу Косово и Србија, како и континуираните блокади од страна на Бугарија. Во оваа комплицирана средина, секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост.
Последните одлуки на Уставниот суд, кои изгледа дека се извршување на програмата на вашата партија за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците, предизвикаа загриженост кај сите граѓани кои се посветени на градењето на подобро одржливи меѓуетнички односи во Северна Македонија.
Охридскиот договор, кој донесе подобро меѓуетничко разбирање, не е само политичко прашање, туку е темел на нашата мултиетничка демократија, стабилност и демократски напредок. Секоја обид за негово доведување во прашање, особено во актуелниот контекст, е чекор кој може да ја влоши состојбата во земјата и регионот.
Одлуките за измена или ревизија на Законот за употреба на јазиците, кој е клучен елемент на Охридскиот договор, не се само политички контроверзни, туку и штетни за напредокот и соработката меѓу заедниците. Ова е развој што може да ги поткопа придобивките стекнати со значителен труд и да ја врати земјата во периоди на несигурност.
Затоа, ве повикувам да размислите со зрелост и одговорност за овие одлуки кои имаат потенцијал да ја нарушат мултиетничката кохезија во Северна Македонија. Иднината на нашата земја треба да се гради врз основа на соработка и взаемна почит, а не врз поделби. Секој чекор што ги нарушува овие основи е штетен за иднината на нашата земја и за сите нејзини граѓани, без разлика на етничката припадност.
Со почит,
Али Ахмети
Претседател на Демократската Унија за Интеграција