Свет

Нетанјаху тргна против своите министри? Тој го отфрли дводневното примирје со Хамас во Газа

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, ја отфрли иницијативата предложена од Египет за краткорочен прекин на огнот со Хамас во Појасот Газа.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси предложи прекин на огнот во Појасот Газа за да се олесни потенцијалната размена на затвореници, со цел подолгорочно примирје. Медиумите од регионот претходно објавија дека Хамас е подготвен да го прифати предлогот на Египет за првично дводневно примирје, при што ќе бидат ослободени неколку заложници.

„Предложивме дводневно примирје во Појасот Газа за размена на четворица (израелски) заложници за некои (палестински) затвореници, а потоа ќе има преговори десет дена за да се претвори прекинот на огнот во трајно примирје“, рече Ал Сиси, за време на заедничката конференција за новинари со алжирскиот претседател Абделмаџид Тебуне во Каиро.

И покрај наводната поддршка на мнозинството израелски министри за египетскиот предлог, Тел Авив одлучи да го отфрли договорот поради противењето на Нетанјаху, кој нагласи дека „преговорите ќе се водат само под оган“, според израелскиот Канал 12.

Израел проценува дека 101 лице сè уште се во заробеништво на Хамас во Појасот Газа, а се стравува дека некои веќе се убиени или од Хамас или во израелските напади врз густо населената област на енклавата.

На почеток