Македонија

Димитриеска-Кочоска: Буџетот за 2025 развоен, фокусот е на инвестициите, капитални расходи на ниво над 44 милијарди денари

Буџетот за 2025 година ќе биде развоен, но нема да биде занемарена и социјалната компоненета. Капиталните расходи ќе бидат проектирани на ниво над 44 милијарди денари, а проекциите за буџетски дефицит и раст на БДП се поставени со Фискалната стратегија. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во Дневникот на МТВ.

„Станува збор за развоен буџет, затоа што иднината на држвата е во таа насока, односно со поголем развој ќе има подобар живот за сите. Социјалата не може да се исклучи комплетно. Предвидена е поголема контрола, но ако сакате да ја намлите треба да преземете нешто. Затоа планирани се мерки за преквалификација на примателите на социјална помош, со цел да почнат со работа.Исто така поголем фокус ќе се стави на дигитализација на процесите во Министерството за социјална политика, демографија и млади“, рече министерката.

Таа додаде дека дел од проекциите коишто ќе бидат пренесени во Буџетот за 2025 година беа прзентирани со усвојување на Фискалната стратегија, односно 4% буџетски дефицит и 3,7% проценти раст на БДП.

„Се што е предвидено во рамки на Буџетот ќе биде реализирано. Капиталните расходи се планирани некаде над 44 милијарди денари , што во овие услови претставува одлично ниво. При тоа за разлика од претходно ќе се фокусираме на квалитетни проекти, како што се општинските за кои се потпишаа договорите. Нема да отстапиме од таа реализација на проектираниот економски раст, бидејќи нашиот фокус се поддршка на инвестиции. При тоа кога зборуваме за инвестиции зборуваме за вистинска реализација на инвестиции. Тоа го потврдив и на состаноците во Вашингтон со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка“, истакна минитерката и додаде дека се очекува поголема активност кај проектите од Коридорите 8 и 10д, коишто ќе се реализираат во подолг период од првично планираното за 4 години, што, како што рече, било поздравено и од страна на ММФ.

Посочи дека раст на платите ќе има во образованието и здравството, а во однос на минималната плата наведе дека таа треба да биде врзана со продуктивноста.

Во однос на јавниот долг посочи дека тој на крајот на годината ќе биде најверојатно на ниво од 64%, но дека тоа ќе зависи од реализацијата на крајот на годината, односно обврските кои ќе бидат доставени за исплата.

На почеток