Македонија

Околу 60 компании злоупотребиле средства за фантомски проекти, долг од 3,2 милиони евра се уште не е вратен во државниот буџет, кажа директорот на Фондот за иновации

„Во изминатиот период се откриени сериозни неправилности во работата на Фондот за иновации и технолошки развој. Околу 60 компании не ги исполниле обврските и злоупотребиле средства за фантомски проекти, додека некој приватни здравствени установи користеле фондови за време на Ковид-кризата, кога државното здравство беше во колапс. Долг од околу 3,2 милиони евра се уште не е вратен во државниот буџет. Новото раководство презема мерки за наплата и веќе се наплатени околу 600.000 евра“, изјави на прес-конференција в.д. директорот на ФИТР, Никола Додов.

„Внатрешната ревизија утврдила несоодветни договори и сомнителни практики, вклучувајќи фирми поврзани со политички функционери. Договори со правни неправилности, конфликти на интереси и прикривање на податоци дополнително ги поткопуваат капацитетите на Фондот. Сомнителни активности вклучуваат и компании кои добиле повеќе грантови за идентични проекти, како и фаворизирање на одредени градови во државата за одобрување на средства. Претходното раководство работело неефикасно и не продуктивно, а тековната посебна ревизија има за цел да ги врати довербата и интегритетот на институцијата.

Сакам да се заблагодарам на целиот тим на внатрешни и надворешните правни и економски експерти, додека беше во тек ревизијата, кои вложија надчовечки напори за да имаме докази и бројќи, со кои е оштетен буџетот односно правена е злоупотреба на буџетските средства.

Денес сакаме да ве информираме за сериозни прашања кои се појавија во работата на Фондот за иновации и технолошки развој, поврзани со неправилности од страна на некои корисници на средствата кои се околу 60 субјекти и кои користеле државни средства – средства на граѓаните – за фантомски проекти кои не ги дале очекуваните резултати. Дополнително, некои од овие компании не ги почитувале правилниците и насоките за работа утврдени од Фондот, што резултираше со неуспешни проекти. Ваквите проекти не само што ја оштетуваат државата, туку и го поткопуваат кредибилитетот на фондот и неговата улога како поддржувач на иновации и технолошки развој. Загрижувачки е што, и покрај овие проблеми, поранешниот менаџмент на Фондот не постапувал според законските начела. Наместо да преземе мерки против должниците, ФИТР напротив вршел плаќања кон компаниите кои не ги почитувале закоските прописи и биле должници. Ова претставува сериозен удар врз интегритетот на институцијата и ги доведува во прашање нејзините капацитети за ефикасно управување со јавните средства. Сакам да потенцирам дека новото раководство на Фондот е целосно посветено на решавање на овие прашања. Ќе бидат преземени сите неопходни мерки за да се обезбеди транспарентност и одговорност во користењето на државните фондови. Веќе се воведуваат нови контролни механизми за да се спречат ваквите злоупотреби во иднина и ќе се преземат правни чекори против оние кои не ги почитувале своите договорни и законски обврски“, соопшти в.д. директорот на ФИТР, Никола Додов.

„Наша обврска е да осигураме дека јавните средства се користат на начин кој ги поддржува вистинските иновации и технолошки развој, и дека секој потрошен денар носи бенефит за граѓаните на нашата земја.

Во изминатиот период се сретнавме со сериозни нерегуларности во работата на Фондот за иновации и технолошки развој, кои се однесуваат на долг од страна на компании кои не ги исполниле своите обврски кон државата. Според нашите наоди, вкупниот износ што овие компании го должат на државниот буџет е 192.888.642 денари, што е приближно 3.200.000 евра. Овие средства, кои биле наменети за поддршка на иновативни и развојни проекти, биле злоупотребени од страна на околу 60 компании. Наместо да ги искористат средствата за реализација на проектите, тие спроведувале фантомски проекти, без конкретни резултати, што резултираа со неуспешни проекти и значителна штета за државниот буџет и граѓаните. Во рамките на ревизијата која ја спроведуваме, од вкупно 60 компании кои се предмет на истрага, веќе се поведени постапки за наплата на побарувањата пред надлежен извршител додека дел од нив се во постапки за поднесување на кривични пријави, и граѓански парници по кои понатаму ќе постапува надлежното обвинителство односно надлежните судови. Овие дејствија произлегуваат од сериозни нарушувања на договорните обврски, несовесно работење, како и флагрантно непочитување на законските одредби од Законот за иновациска дејност. Ова однесување го загрозува кредибилитетот на иновацискиот систем, а ние сме цврсто решени да ги спроведеме сите законски инструменти за заштита на јавните интереси. Наша одговорност е да обезбедиме почитување на владеењето на правото и ефективно управување со јавните средства. Никој не смее да биде изземен од правните рамки, без оглед на нивната позиција или влијание. Оваа ревизија претставува јасен сигнал дека неправилностите нема да бидат толерирани и дека секој кој ги прекршил правилата ќе се соочи со соодветните последици. Преземените мерки не само што ја покажуваат нашата посветеност кон правната сигурност, туку се и суштински чекор кон враќање на довербата во институциите.

Сакаме и да ве информираме дека за само нешто повеќе од месец дена, направена е пресметка за ненаплатени средства по основ на оперативна добивка и ројалти во вкупна висина од 80.000.000 денари, што изнесува нешто повеќе од 1.300.000 евра. Овие средства во изминатите години не биле наплатени од страна на поранешното раководство, што директно го оштетило Фондот и довело до значителни финансиски загуби. Меѓутоа, во текот на изминатиот период, новото раководство на Фондот презеде енергични чекори за да ги исправи овие неправилности. Веќе се наплатени околу 36.000.000 денари, или приближно 600.000 евра, како резултат на подобрувањето на процесите за наплата. Дополнително, само во текот на минатата недела, во Фондот се слеани повеќе од 10.000.000 денари по основ на оперативна добивка и ројалти од корисници кои ги имале овие обврски. Нашиот фокус во наредниот период е целосно наплата на останатите долгови кои произлегуваат од прекинати договори, неправилно и несовесно работење, како и од неисполнување на проектни активности. Новото раководство е решено да ги затвори сите овие долгови и да обезбеди дека сите средства ќе бидат вратени во државниот буџет, онаму каде што припаѓаат.

Како што спомнав на почетокот, во тек е сеопфатна и посебна ревизија на проектите, процедурите и начинот на доделување на финансиските средства на корисниците, како и на целокупното работење на Фондот за иновации и технолошки развој. Целта на овој процес не е само контрола, туку и поддршка на проектите за да се осигураме дека тие ги остваруваат своите цели и придонесуваат за напредокот на општеството. Новиот менаџмент е решен да воведе повисоки стандарди на транспарентност и отчетност. Парите на граѓаните мора да се користат за вистински проекти кои ќе поттикнат иновации и економски развој, а не за фантомски проекти или неодговорни практики.

Како дел од ревизијата која е во тек, особено внимание посветуваме на една од клучните прашања – на кој законски основ и по која постапка приватни здравствени установи (ПЗУ) станале корисници на средствата од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Во моментов, станува збор за околу 50 приватни здравствени установи кои во изминатите пет години биле корисници на средства од Фондот. Во тек е посебна ревизија за ова прашање и веднаш штом ќе добиеме првични информации од ревизијата, јавноста ќе биде благовремено информирана. Исто така, постои основано сомнение дека правилниците донесени од претходната структура кои ги регулираат овие прашања не се донесени во согласност со важечките закони. Ова дополнително го истражуваме, а при нови информации, ќе бидете навремено известени. Исто така, има индикации дека во минатото некои одлуки можеби биле донесени врз основа на политички договори, а не во согласност со законските процедури, што дополнително ќе биде предмет на истражување. Нашата главна цел е да обезбедиме дека сите процедури и правилници на Фондот се во согласност со законот и дека средствата се користат соодветно и транспарентно. Исто така, постојат основани сомнежи за злоупотреба на Фондот за иновации и неговите средства за време на Ковид-кризата, кога одредени приватни здравствени установи добивале финансии, додека државните се бореле сами со здравствената криза. Овие наводи се дел од тековната ревизија, со цел да утврдиме дали средствата биле распределени на начин кој е во согласност со законот.

Во последниот период, Фондот за иновации и технолошки развој дојде до информации кои упатуваат на сомнителни практики во управувањето со јавните средства. Станува збор за компанија, која е во непосредна роднинска врска со високи функционери од владата на СДСМ-ДУИ, која добивала значителни финансиски средства од државни фондови. Ова не само што создава сомнеж во транспарентноста на процесот на финансирање, туку и буди загриженост за потенцијалните конфликти на интереси и непотизам. Согласно нашите истражувања, управителот на компанијата не само што добива финансиски средства од фондот, туку истата личност управува со дури четири различни фирми кои исто така имаат добиено финансикси средства од Фондот. Загрижувачко е тоа што скоро 80% од средствата кои ги добива од овие компании ги префрла на истата компанија и за иста услуга, и тоа во текот на проектните активности. Ова поведение создава легитимни сомневања за неетички практики и корупција. Оваа ситуација не само што ги загрозува основните принципи на транспарентност и одговорност, туку и ги подрива основите на правната држава.

Дополнително, за време на ревизијата, откривме дека од поранешниот менаџмент е потпишан договор со корисник на фондот, кој и тогаш, а и сега, е противзаконски. Овој договор не само што е правно недопустлив, туку и ја загрозува основната цел на Фондот – да делува во интерес на јавноста и граѓаните и да обезбеди транспарентност во распределбата на средствата. Овие дејствија не можат, а и нема да бидат игнорирани. Потписите на таквите договори создаваат правни и етички последици, кои ќе бидат истражени до крај. Секој кој учествувал во овој процес, без разлика на нивната позиција, ќе биде повикан на одговорност. Не само што ќе се применат сите соодветни законски санкции, туку и довербата на јавноста ќе биде обновена само ако овие неправилности бидат исправени и искоренети. Наша обврска е да осигуриме дека ФИТР функционира согласно законите и дека средствата се користат за вистински иновации, а не за задоволување на лични интереси и полнење на личните џебови. Ова е нашето предупредување: немојте да мислите дека неправилностите ќе останат незабележани и не казнети.

За време на нашата истрага, дојдовме до информации и заклучоци кои укажуваат на сериозни неправилности. Утврдено е дека неколку фирми се корисници на повеќе грантови, при што се работи за исти или идентични проекти. Ова создава основани сомнежи за злоупотреба на системот и потенцијален конфликт на интереси. Во ситуации кога една компанија добива финансирање за проекти што се фактички идентични, се поставува прашањето колку е транспарентен и ефикасен системот на доделување грантови. Доколку се потврдат неправилностите, ќе бидат преземени соодветни мерки против сите учесници во овие активности.

Врз основа на специјалната ревизија дојдовме до еден многу интересен феномен, а тоа е дека во Македонија во последниве неколку години се појавија два најиновативни града. Кој би рекол? Овие градови не само што се “лидери” во своите области и иновациите, туку исто така “забележуваат” најголем процент на доделени финансиски средства по глава на жител од Фондот за иновации и технолошки развој. Очигледно, ова е сигнал за “значајна” поддршка за иновации и развој на овие две локалните економии. Или можеби, само мудро распределување на средства по некои, не толку тајни, пријателски линии. Додека вистинските „иноваторите“ од овие градови си го делат парчето пица, другите чекаат иновациите да дојдат по пошта. Можеби е време да се запрашаме дали оваа “поддршка” всушност носи реални резултати или е само уште еден пример за тоа како парите од фондот, наместо да одат во вистински проекти, завршуваат во некои познати џебови. На крајот, добиваме два иновациски града, но што добиваме за остатокот од земјата? Можеби само повеќе прашања отколку одговори.

Во однос на ревизијата на внатрешните процеси утврдено е дека во ФИТР од сите вработени, само 8 (осум) вработени се во редовен работен однос, а во изминатиот период, заклучно со август 2024 година на платен список биле евидентирани повеќе од 40 договорци со хонорари и до 60.000 денари. Во текот на минатиот месец утврдив дека голем дел воопшто не доаѓале на работа, дел договорно меѓу себе ротирале преку еден работен ден, немало евиденција за присуство на вработени за договорците и на денот на извршената проверка на редовност од моја страна само тројца беа запишани во книгата за евиденција на работно време. Покрај тоа, дел од ангажираните кои се преставуваа како експерти, одбиваа да ги завршат своите обврски, што дополнително ги кочеше процесите на ревизијата. Овие опструкции од страна на дел од вработените кон менаџментот создаваат сериозни пречки во остварувањето на нашите цели и во обезбедувањето на транспарентност во работењето на институцијата. Оваа ситуација не само што поставува прашања за управувањето со човечките ресурси во минатото во ФИТР, туку и за целокупната транспарентност и отчетност на институцијата.

На крајот на оваа прес конференција, сакам да истакнам дека мојата посветеност кон транспарентноста и отчетноста останува непоколеблива. Тековните ревизии на Фондот за иновации и технолошки развој откриваат значајни неправилности, кои не смееме да ги игнорираме. Нашата цел е да се осигуриме дека средствата од јавните фондови се користат на праведен и ефективен начин, и дека иновациите допринесуваат за благосостојбата на општеството.

Ревизијата на проектите и управувањето со човечките ресурси е само еден дел од нашата стратегија за враќање на довербата во институцијата.

Ние не само што ќе истражуваме неправилности, туку и активно ќе се стремиме тие неправилности да се искоренат и за секоја нерегуларност да се одговара пред законот и законските прописи.

Во иднина, редовно ќе бидеме пред граѓаните и медиумите, нудејќи подетални информации за резултатите од моменталната специјална ревизија. Оваа транспарентност е клучна за обнова на довербата и за осигурување дека јавните средства се управуваат на соодветен начин. Секој нов развој ќе биде споделен со вас и со јавноста, бидејќи веруваме дека само со заеднички напори можеме да изградиме подобра иднина.
Секој од нас има одговорност во оваа ситуација. Ние сме тука не само за да контролирано управуваме, туку и да создадеме средина во која иновациите можат да цветаат. Вашата поддршка и интерес се клучни во оваа борба за подобра иднина“, соопшти на прес-конференција в.д. директорот на ФИТР, Никола Додов.

На почеток