Свет

Кремљ: Руските новинари кои известуваа за американските избори беа испрашувани 10 часа

Кремљ денеска се пожали на неприфатливиот третман на руските новинари кои отпатуваа во САД за да известуваат за претседателските избори следната недела.

Руските медиуми објавија дека новинарите од медиумската група „Известија“ биле испрашувани 10 часа, а на еден од нив му била одземена визата и дека бил депортиран. Американските власти се уште не ги коментирале извештаите.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Москва ќе бара подетални информации за инцидентот.

„Сепак, таквиот однос кон новинарите, се разбира, не ги покажува во добро светло американските власти, особено откако тие (новинарите) ги завршија сите формалности и процедури и ги добија сите дозволи за влез“, рече тој.

Песков додаде дека американското однесување „веројатно е во спротивност со принципите на слободата на печатот, што, се разбира, е неприфатливо за нас“.

Новинарите се вработени во Известија, комерцијална медиумска групација која поседува телевизиски канали и весници. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Русија „ќе одговори соодветно“.

Москва постојано се жалеше на забраната на одредени руски медиумски услуги во западните земји, кои ги обвини дека воведуваат ограничувања за своите новинари.

На почеток