(Видео) Македонски државјанин загина во страшната несреќа во Нови Сад каде се урна дел од старата Железничка
Државјанин на Македонија е меѓу 14. загинати во несреќата предизвикана од уривањето на настрешницата на старата зграда на Железничката станица во Нови Сад, кажа вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ.
„За пет лица досега не успеавме да го потврдиме идентитетот. Осум лица се од Србија, а едно лице е државјанин на Северна Македонија“, кажа Вучиќ.
Тој изјави дека бара Обвинителството во Нови Сад и Владата на Србија да ги гонат и најстрого да ги казнат одговорните за уривањето на дел од настрешницата во Нови Сад.
– Одговорните, ве уверувам, ќе бидат казнети. Барам политичка, а пред тоа и кривична одговорност, рече Вучиќ.
Тој посебно им се заблагодари на спасувачите, „на луѓето кои цел ден се бореа и страдаа, на работниците кои со своите машини се обидоа да го спасат секој живот што можеше да се спаси“.
– И денеска во оваа голема трагедија успеавме да ги покажеме срцето и душата на нашиот народ, не само Нови Сад, цела Србија застана и остана без зборови. Во еден момент кога спасувачите успеаја да ја извлечат младата жена, а докторите веќе беа подготвени да и ја отсечат раката, затоа што беше притисната од неколку тони, па некако успеаја да ја извлечат со машини, видов солзи радосници кај нашите спасувачи во целата трагедија и сите маки, а тоа покажува колку се големи овие луѓе и каква е целата наша нација, рече Вучиќ.