Мицкоски: Нашето место е и заслужуваме да сме во Европската Унија, мора да успееме
„Денеска овде во Будимпешта во присуство на европската политичка заедница имавме навистина квалитетен работен ден којшто изобилуваше со многу работни средби со европските државници. Бев придружуван од страна на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерот за европски прашања Орхан Муртезани и делегацијата којашто ја сочинуваат членови на мојот кабинет, мојот советник за надворешни работи, амбасадорот Сашо Маркоски, шефот на кабинетот Владимир Нелоски и останатите“, кажа премиерот Христијан Мицкоски.
„Навистина во текот на денот направивме многу билатерални средби, ги презентиравме нашите аргументи, како ја гледаме нашата економска иднина, она коешто е важно, нашите економски цели, начинот на којшто планираме да ја развиваме нашата Македонија, но истовремено и да ги презентираме нашите погледи и аргументи за нашиот евроинтегративен пат.
Со секоја средба се повеќе и повеќе се бориме за нашите аргументи и за вистината онаква каква што е, онаа вистина којашто ја чувствуваа нашите граѓани и којашто е важна за Македонија.
Ќе продолжиме да се бориме за Македонија и во неделите, месеците, годините коишто следат. Мора да успееме. Мора да бидеме таму каде што заслужуваме а тоа е успешна европска приказна, а местото наше е во рамките на Европската Унија.
После овој состанок на европската политичка заедница овде во Будимпешта сум уште повеќе оптимист дека мора да не биде и ќе не биде.
Тоа што е важно е дека ние ќе дадеме се од себе да ги одбраниме националните интереси на македонските граѓани и на нашата татковина.“, изјави Мицкоски