Скопје

Учениците од „Јохан Хајнрих-Песталоци“ го посетија Центарот за селекција на отпадот

Учениците од вторите одделенија при ООУ „Јохан Хајнрих-Песталоци“ од скопската општина Центар, денеска го посетија Центарот за селекција на отпадот на ЈП Комунална хигиена-Скопје.

Во рамките на посетата, од страна на стручните служби на Претпријатието на учениците им беше презентиран начинот како правилно да постапуваат со комуналниот отпад и беа информирани за значењето на неговата примарна селекција.

Тие имаа можност да видат како се одвива процесот на машинско балирање на селектираното стакло, хартија, лименки и пет-амбалажа. Младите посетители научија дека стариот мебел, покуќнината и електронските апарати не смеат да ги исфрлаат на јавни површини, но можат бесплатно да ги одложат во Центарот за селекција.

Програмата за едукација на учениците од градинките, основните и средните училишта во градот Скопје што ја имплементира ЈП Комунална хигиена-Скопје, има за цел – подигнување на свесноста кај младите генерации за значењето на правилното постапување со комуналниот отпад и грижата за заштитата на животната околина, соопшти Комунална хигиена-Скопје.

На почеток