И спремаат пуч на Зајкова, таа истовремено излезе со стратегија за локалните избори
Пуч и се спрема на Моника Зајкова во ЛДП, според најавата која стигна од членови на ЛДП кои формираат иницијативен одбор за вонредно собрание.
„Недела во 12 часот, во големата сала на Општина Кисела вода ќе се состанат 2/3 од општинските организации на ЛДП и ќе формираат иницијативен одбор за свикување вонредно собрание на ЛДП за промена на раководството поради нивната непринципиелна пазарџиска политика и недемократско водење на партијата. Тие ги повредија основните демократски постулати на работа. Во недела ќе ги претставиме нашите позиции и ставови. Неодамнешните случувања јасно укажаа на тешката криза и поделбата во партијата која неминовно може да се разреши само со свикување вонреден конгрес и смена на актуелното раководство во ЛДП. Од името на општинските организации на прес конференција ќе се обрати Бобан Бојковски од општинската организација Куманово“, најавија од иницијативниот одбор.
Истовремено, Зајкова од Источна Македонија има конкретна стратегија за подобри резултати на локалните избори.
„Има политички предлози, има организациски предлози, има предлози и за кандидати за градоначалници и советници, а има и такви кои повикуваат на предвремен конгрес. Овие последните се како обично, побучни и без конкретен предлог како тоа се прави во развиените демократии, најчесто заради лични, а не колективни интереси“, посочи претседателката Зајкова.
Зајкова додава дека треба да се водиме од колективниот и партиски интерес, а тој е подобри политики за граѓаните и подобри резултати.
„За разлика од малкумина бучни, мнозинството, потивките, се оние кои излегуваат со политички предлози, и тоа јасно либерални и идеолошки закотвени. И понекогаш, добро е да бидат потивки, затоа што мора да бидеме внимателни, веќе им прејде во навика на поголемите партии да прават copy&paste на наши предлози“, истакна Зајкова, повторно упати повик за смирување на страстите и обединување на редовите.
На средбата со претставниците од општинските организации од истокот на државата се разговараше и за идните чекори на партијата, нејзиното позиционирање и моменталните активности на партијата, особено по парламентарните избори годинава. На средбата претседателката Зајкова со присутните разговараше и за предлогот на ЛДП за намалување на данокот на добивка на 9%, за укинувањето на непотребните банкарски трошоци на граѓаните, но и за евроатлантската интеграција и за други решенија на проблеми и предизвици со кои граѓаните секојдневно се соочуваат.