Скопје

За време на викендот се подигнати 𝟩𝟢 кубни метри непрописно одложен отпад

Во текот на изминатиот викенд, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираа активности за отстранување десетина диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир, Центар, Кисела Вода, Аеродром и Карпош.

Во општината Чаир е интервенирано на улицата Самоилова, каде што во непосредна близина на Музејот на современата уметност се подигнати приближно 15 кубни метри градежен отпад одложен на сообраќајна површина.

Во општината Центар се расчистени вкупно 10 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани на неколку локации долж улицата Орце Николов, извести Комунална хигиена-Скопје.

На улицата Февруарски поход во скопската општина Аеродром се подигнати 10 кубни метри непрописно одложен органски отпад, додека на булеварот Партизански одреди кај Порта Влае и на улицата Московска – во општината Карпош, беа отстранети 20 кубни метри кабаст отпад одложен на јавни површини.

Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје расчистија и обемна дива депонија лоцирана на улицата Димо Хаџи Димов во скопската општина Кисела Вода, каде што се подигнати и транспортирани 15 кубни метри непрописно одложен кабаст и отпад од картонски пакувања, соопшти Комунална хигиена-Скопје.

На почеток