Гасификацијата во фокусот на разговорите – Средба на македонската делегација со претседателот на Азербејџан
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, како дел од официјалната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку, присуствуваше на средбата со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев. Во фокусот на разговорите беше потенцијалот за соработка во областа на енергетиката, посебно гасификацијата.
За време на средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои беа оценети како пријателски и со значителен потенцијал за продлабочување во различни сектори, со акцент на енергетиката.
Македонската делегација го истакна интересот на Македонија за диверзификација на изворите на енергија и зајакнување на економската соработка со Азербејџан.
Македонската и азербејџанската страна изразија задоволство од неодамна потпишаниот меморандум за разбирање меѓу енергетските компании на двете држави, кој има за цел да придонесе кон енергетската стабилност на Македонија.
Соговорниците изразија подготвеност за понатамошна соработка преку конкретни билатерални договори, а од страна на претседателот Алиев беше потврдена подготвеноста на Азербејџан да учествува во потенцијални проекти за гасификација во Македонија.