Мухамед Сејдини е минато за ФФМ: поднел оставка, откако тоа и Пандев го побара од него


Мухамед Сејдини заминува од претседателската функција во ФФМ. Ова им било соопштено и на членовите на Управниот одбор кој заседава вечерва. Фудбалерите за повлекувањето биле известени по натпреварот со Фарски Острови.
Официјална потврда се очекува и од ФФМ, по завршувањето на Упраниот одбор. В.д. претседател, неофицијално, треба да биде Лазар Ракаџиев, додека не се избере нов прв човек на ФФМ.
За јавноста, Сејдини е познат и по обвинувањата дека нарачал промена на химната со која се бодрат репрезентативците за Европското првенство, а каде се споменувало: „Мрме на чело на црвена армија, те слави Македонија“. Барањето на Сејдини било да го нема селекторот во песната.
Од него, при крајот на септември, оставка побара и најдобриот стрелец во историјата на македонскиот фудбал и долгогодишен капитен, Горан Пандев.
– Имам порака до Мухамед Сејдини. Пред точно шест години во Гибралтар му дадов поддршка затоа што имаше визија, сакаше да соработува. Но, тој Мети и овој сега, не се исти личности. Неколку месеци пред Европското првенство тој фати друг курс, почна да се дружи и да слуша совети од погрешни личности. Го изгуби компасот и затоа сега ни се случува колапс. Да си оди како човек, а не како кукавица и тоа што поскоро без разлика на тоа што мандатот му истекува во март. Одењето ќе биде добро за фудбалот, но и за него лично, затоа што луѓето кои сега му се соработници и советници го водат и него и фудбалот во пропаст – изјави Пандев во интервју за порталот Спортспорт.
