Македонија

(Видео) Велешаните за трговија со дете и силување добија вкупно 31 година затвор: Слушавме алиби на обвинетите како никогаш претходно

Групата велешани кои сексуално злоупотребувале малолетничка, се осудени на затворски казни, освен еден обвинет кој доби условна осуда. Пет лица се осудени за „трговија со дете“, шест се осудени за кривично дело „силување“, а едно лице за „Прикажување на порнографски материјал на дете“. Вкупно 13 обвинети седнаа на обвинителна клупа, само еден обвинет призна вина. Пред почетокот на објавувањето на пресудата, обвинетите се бунтуваа против снимањето на медиумите и бараа да излезат надвор. Судечкиот совет рече дека Врховниот суд го дозволил снимањето и дека немаат намера да ги попречуваат снимателите: „Дали ќе останете или излезете е ваша работа, не можеме ние да одговараме за вашето однесување“.

По ова, дел од обвинетите ја напуштија судницата, па влегоа кога камерманите излегоа. Највисоката казна е за обвинетиот Димовски кој доби пет години и шест месеци кој беше обвинет дека со закани врз жртвата која имала 15 години, овозможил на другите обвинети да вршат полови дејствија врз неа.

1. Првообвинетиот Стефан Димовски доби казна затвор од пет години и шест месеци.
2. Дејан Спасиќ кој има малолетно дете, судот го осуди на четири години и шест месеци.
3. Димитар Наков кој има 27 години судот го осудува на четири години и шест месеци.
4. Тино Илиевски кој има 24 години судот го осудува на четири години затвор.
5. Савен Неделковски кој има 26 години го осудува судот на четири години.
6. Александар Филиповски кој има 24 години го осудува судот на 1 година и шест месеци.
7. Бојан Филиповски кој има 27 години судот го осудува на една година и шест месеци.
8. Антонио Зогравски кој има 27 години судот го осудува на една година и шест месеци.
9. Трајче Лазов кој има 28 години, судот го осудува на затвор од една година и шест месеци.
10. Ристо Вељанов кој има 22 години, судот го осудува на една година и шест месеци.
11. Кристијан Дончев судот го осудува 1 година и три месеци.
12. Борче Коцев кој има 32 години, судот го осудува на условна казна

Судечкиот совет рече и: „Како никогаш претходно слушнавме алиби на обвинетите. Овој предмет има многу повеќе од една жртва“, па додаде:

„Овој предмет покрена многу прашања, каде се движат малолетните деца, дали кокаинот е единствено нешто што ги прави среќни. Пред овој суд се изведоа многу докази. Техниките кои овие обвинети ги користат се со метод на “љубовник”, кога жртвата емоционално ќе се поврзе, се користат сите други методи“.

Во овој случај, Обвинителството според Кривичен суд докажа дека во декември 2021 година осомничениот Димоски од Велес остварил комуникација со жртвата преку Инстаграм и по неколку дена континуирана комуникација, стекнал доверба кај неа, доведувајќи ја во заблуда да започнат љубовна врска. На првата средба бил направен порнографски материјал што првоосомничениот го користел како закана да го присили девојчето да доаѓа и на други средби, заканувајќи се дека доколку не дојде, материјалите со интимна содржина ќе ги објави и ќе ги сподели на социјалните мрежи, со што ќе и наштети на нејзината чест и углед.

Обвинителката Милица Гаврилова докажа дека првоосомничениот го принудувал детето – жртва во повеќе наврати да оди во станови што биле наменски изнајмувани на повеќе локации во Велес. На средбите, како што се наведуваше во соопштението за истрага, присуствувале осомничени и други машки лица, кои прво консумирале наркотична дрога и алкохолни пијалаци, па во таква состојба вршеле полови дејствија врз детето – жртва и користеле сексуални услуги, иако знаеле и биле должни да знаат дека малолетното дете е жртва на трговија со луѓе.

Диспозитивот нема да биде јавно објавен, за да се заштити детето-жртва.

„Судот ја имаше во предвид помеѓу обвинетите и жртвата која била на возраст од 15 години. Судот го имаше во предвид дека сите биле неосудувани“, рече судечкиот совет при соопштување на одлуката.

Според Кривичниот законик, за кривичното дело „трговија со дете“ се предвидува минимална казна од осум години. Според истиот член, став 3, тој што користи или овозможува на друг сексуални услуги, се казнува со најмалку осум години. За кривично дело „силување“ казната е најмалку три години. За „прикажување на порнографски материјал на дете“ казната е од три до пет години затвор.

На почеток