Македонија

Јаневска: Францускиот јазик е дел од нашата историја, но исто така и нераскинлив дел од нашата европска иднина

„Македонија и Франција се две европски држави со заеднички стремеж кон јакнење на меѓусебната соработка, што континуирано се продлабочува во сите сфери од заемен интерес. Покрај поттикот за негување на историската традиција и присуството на францускиот јазик кај нас, членството на Македонија во Меѓународната организација на Франкофонијата го гледаме и како можност за афирмација на македонскиот идентитет, јазик, историја и богато културно наследство, како и на сите вредности на современото македонско општество – мирот, демократијата, толеранцијата и солидарноста. Францускиот јазик е дел од нашата историја, но исто така и нераскинлив дел од нашата европска иднина“.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на потпишувањето на Анексот на Меморандумот за соработка помеѓу Министерството за образование и наука и Амбасадата на Франција, со кој дополнително се поттикнува изучувањето на францускиот јазик во нашиот образовен систем.

Подготовката на младите, рече Јаневска, со знаења и вештини кои ќе одговорат на идни потреби, и покрај технолошкиот напредок, сé уште вклучува знаење на странски јазици како алатка која ги поврзува со нови култури, перспективи и можности.

Во Анексот се наведени 25 училишта во целата држава каде ќе се одвиваат средби за презентација на францускиот јазик кај родителите. како и часови за учениците, насочени кон откривање на можностите што ги нуди изучувањето на францускиот јазик.

„Министерство за образование и наука, како креатор на политики, ја промовира посветеноста кон јазична различност, а францускиот јазик се изучува во основното, средното и високото образование. Посебно се видливи франкофонските билингвални паралелки во средните училишта“, додаде министерката.

Како резултат на соработката со амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје, со Меѓународната организација на Франкофонија и со Регионалното биро за централна и источна Европа, веќе четврт век се организира Летниот регионален семинар во Струга, педагошка обука која обединува на едно место професори по француски јазик од повеќе земји во регионот. Професори по француски јазик и професори кои предаваат други наставни предмети на француски јазик, можат да учествуваат и на летни обуки во Франција.

Министерката Јаневска нагласи дека секогаш е можно постојната соработка да се издигне на уште повисоко ниво, па затоа и во иднина двете страни ќе разговараат за нови заеднички иницијативи.

На почеток