Македонија

(Видео) Одбивањето на амандманот за заштита од пожари од страна на ДПМНЕ е чин на директна негрижа и нагон за доуништување на Македонија, велат од Левица

Пратеникот Сашко Јанчев говореше на Комисијата за финансирање и буџет по повод поднесениот амандман од страна на Политичката партија Левица со кој се бараше повеќе, односно соодветна, намена на средства за противпожарна заштита.

„Секоја чест за хероите коишто се бореа со огнените стихии, но во ваква катастрофална ситуација со пожари, да не се предвидат повеќе средства за заштита од пожари не е показател на неодговорност, туку симптом на самоуништување. Затоа, предлагаме 200 милиони денари да се додадат во ставката за купување на опрема и машини и да се прераспределат на територијалните противпожарни единици.

Ситуацијата со шумските пожари во Македонија е алармантна! Секоја година, особено во летните периоди, Македонија се претвора буквално во пекол и просекот на изгорена површина во периодот од 2006 до 2023 година е околу 12.000 хектари, а тоа кулминираше во 2024. Само во 2024 година, во шумски пожари изгореа 90.000 хектари површина, што е околу 3,6% од цела територија на државата“, рече Јанчев.

„Секоја година ние се соочуваме со истите проблеми кога се во прашање шумските пожари. Недоволна опременост на противпожарните единици, нашите противпожарни единици влегуваат во оган со несоодветни обувки, со стара опрема и облека, а опремата пожарникарска не е како обична облека која може да се носи 5-10 години, таа си има рок на траење и тоа е краток рок, откако ќе помине рокот таа веќе не ги штити пожарникарите.

Пожарникарите користат стари боци за кислород коишто се под притисок и коишто во такви ситуации – сами по себе се опасни по живот.

Имаме стари противпожарни возила, се соочуваме со недостаток на модерни и мобилни противпожарни возила.

Имаме проблем со несервисирани авиони, имаме недостаток на персонал. Годинава се доведовме во ситуација пензионери да летаат авиони и да гаснат пожари“, соопшти Јанчев.

„Одбивањето на амандманот за заштита од пожари од страна на ДПМНЕ е чин на директна негрижа и нагон за доуништување на Македонија. Наместо да го остават политиканството настрана и да го приоретизираат животот, здравјето, безбедноста на граѓаните, како и нашата природа и територија – тие продолжуваат со својата деструктивна политика“, додаваат од Левица

На почеток