(Видео) „Не глумите дека вие нешто сте надвор од таква матрица, на 27-ми септември Дафина Стојаноска не псуеше од говорница, а Стојаноски дофрлуваше од место“, потсети Крмов
На вчерашната дебата на Телевизија 24 каде гостуваа пратеникот од Левица, Борислав Крмов, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски и од редовите на СДСМ, Митко Трајчулевски – Борислав Крмов од Левица објасни како во четвртокот дошло до кошкањето во Собрание.
Крмов потенцираше дека немаше никаква намера пратеничката група на Левица да влезе во судир со никого: „Колегата Јованчев од Кавадарци се упати кон Апасиев и почна да изустува погрдни зборови вмешувајќи го и неговото семејство. На тоа нашиот претседател изреагира бурно, за понатаму повеќе пратеници од ДПМНЕ да дојдат накај нас. Потоа Александар Велјановски дојде и ме турна иако бев свртен со грб, со намера да се пресмета физички со Апасиев“.
„Мојата теза е дека дека ова не е случајно, ова е поврзано, ние на 27-ми септември кога се носеше Законот за царинска управа имавме сличен инцидент. Тогаш пратеничка група на ДПМНЕ на чело со Дафина Стојаноска ни упатуваа пцости и навреди од говорница, а Бојан Стојановски дофрлуваше навреди од место“ – потсети Крмов за комисиската седница на која што Левица со намера да блокира воведување на трет директор во Царина, држеше долги говори.
„Тоа беше прелудиум на ова што се случуваше тука. Да не глумите дека вие нешто сте надвор од таква матрица на однесување.
Јас мислам дека вашата пратеничка група всушност е исфрустрирана, затоа што воглавно извиси за извршна власт и сега таа фрустрација ја исфрла на Левица. Вашите тактитки се и еден начин на замолчување на опозицијата, за кога ДПМНЕ прави глупости, да не излезе опозицијата тоа јасно и гласно да го каже, затоа што ќе биде пцуена, затоа што ќе ја нападнат пратеници од ДПМНЕ со намера за тепачка. Но, како што кажавме – апсолутно не ви се плашиме“ – заклучи Крмов од Левица.
Во однос на Уставните измени Борислав Крмов од Левица истакна дека ДПМНЕ моментално купува време до локалните избори:
„Ние немаме никакви гаранции дека нема уште 500 вета Бугарија да ни стави до нашите преговори за ЕУ. Единствен начин да падне таа преговарачка рамка е да се раскине договорот за добрососедство. Тој договор се раскинува со обичен допис. За жал, владата на ВМРО – ДПМНЕ влегла во тие лавиринти и наместо да ја укинат историската комисија и ние да се движиме согласно Копенхашките критериуми, ние всушност само го менуваме персоналниот состав на историската комисија. Иако добиваме ладен туш од Европа, цело време тврдиме дека имаме простор за оптимизам.“ – посочи пратеникот од редовите на Левица.
Крмов потсети и на изјавата на амбасадорот на Франција во Бугарија по утврдувањето на преговарачката рамка, кога истакнал дека ова е доказ дека во денешно време не може граници да се менуваат, но идентитет може да менуваме.
„Додека сите тврдат дека овие Договори се за ‘стабилност’, ние мислиме дека сме во опасност Република Македонија да ја загубиме на патот кон ЕУ, а тоа не смее да се дозволи“ – заклучи Крмов.
Во однос на старо-новото раководство на СДСМ, пратеникот Крмов истакна дека премногу се дава тежина на имињата, а не на системот што ги продуцира и ги става тие имиња таму каде што се: „Двете големи партии го имаат создадено овој систем од којшто Македонија се гуши веќе 32 години, едноставно е неможно да се реформираат затоа што создавајќи го тој систем автоматски се и продукт на самиот систем“ – истакна Борислав Крмов.
„Имињата се ирелевантни се додека не излезат од матрицата, а двете големи партии не можат. Додека пак Левица е создадена како реакција на системот, од народниот револт. Ние, за разлика од другите партии, не зависиме од бизнис интереси. Кај нас функционерите немаат бизнис и тоа така ќе остане, додека во другите партии има функционери коишто се милионери. Сѐ додека е така, прво ќе мислат на државата, а не на личниот бизнис. Имаме нула толеранција на корупција, немаме криминали, немаме кривични и со тоа не можеме да бидеме уценети ни од странците, како што беше за овие предавнички договори. Едноставно е невозможна реформа кај двете големи партии, а единствена партија позиционирана да го менува системот од корен е Левица“ – кажа пратеникот од редовите на политичката партија Левица.