Македонија

(Видео) Јанев: 55 години хеликоптерска единица на МВР, спремни за одговор на секој професионален и хуманитарен предизвик

„Хеликоптерската единицата следејќи го својот развоен пат доследно и континуирано се сообразуваше со сите нужни трансформации во името на полициските стручни стандарди и вредности, истакнувајќи ја на прво место способноста да одговори на секој професионален или хуманитарен предизвик“, нагласи, меѓу другото, првиот човек на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, во своето денешно пригодно обраќање по повод одбележувањето на јубилејот – 55 години од формирањето на Хеликоптерската полициска единица што се одржа во Центарот за обука на МВР во Идризово.

Директорот Јанев ја потенцираше неопходноста од континуирано унапредување на сите потребни организациони, образовни или технички аспекти ја изрази својата увереност дека единицата располага со професионален потенцијал и стручност успешно да се соочи со каков било вид на предизвик.

„Се разбира, во сите такви потфати што претстојат единицата ќе ја има целосната моја подршка, подршката на Министерството а во интерес на максимално остварување на сите полициски задачи и должности. Сметам дека тоа е наша императивна обврска не само заради докажаната вредност на единицата, туку и заради сите досегашни генерации, нејзини припадници, кои што го вложиле своето професионално знаење, дел од нив и најголемата жртва – животот, во трансформирањето и развојот на единицата во она што таа денес претставува, кредибилен сегмент од полициското работење со кој што се гордееме сите ние“, истакна директорот Јанев.

На свеченоста свое обраќање имаше и началникот на Одделот за воздухопловни единици Бобан Милановски кој што нагласи дека со поддршка на менаџментот на министерството, а во контекст на генералните стратешки насоки и цели за развој и реформа на македонската полиција, единицата ги ползува можностите и механизмите за меѓуинституционална и меѓународна полициска соработка, со што се отвараат нови перспективи за наш натамошен подинамичен и секако – позитивен организациски развој, ускладен со новите трендови и потреби и во делот на полициското безбедносно функционирање, но и во делот на хуманитарно-спасувачките задачи.

Во рамки на Одбележувањето на 55 годишнината од формирањето на Хеликоптерската единица беа доделени повеќе признанија и благодарници, вклучително и постхумни признанија за припадници на единицата кои што ги дадоа своите животи при извршувањето на работните задачи.

На почеток