Македонија

(Видео) Лукаревска до Мицкоски: Го уништивте Скопје, каде ви се автобусите што ги ветувавте?

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната седница за пратенички прашања упати прашање до премиерот Мицковски кое се однесуваше на катастрофалната состојба со јавниот превоз, којшто е буквално колабиран во Скопје.

„На загадениот воздух во главниот град многу влијае и катастрофалната состојба со јавниот превоз, којшто е буквално колабиран во Скопје.

Овој проблем станува актуен и сериозно го загрозува најважното, здравјето на граѓаните.

Вие пред 3 години заедно со градоначалничката којашто ја промовиравте за најдобра менаџерка ветувавте модерно Скопје, нови 250 автобуси, бесплатен превоз.

А денеска резултатот на сите тие ветувања е јавен превоз во Скопје во катастрофална состојба, најлош во Европа. Дури прашање е и дали може да се каже дека има јавен превоз во главниот град.

ВМРО-ДПМНЕ е локална власт во Скопје ама и централна власт“, рече пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска.

„Не што нема нови автобуси, гориво нема ниту за тие што ги има, ете до таму го дотеравте градот, заедно со градоначалничката за којашто ја баравте довербата.

По кавгата со неа цели 3 години ДПМНЕ ги малтретира скопјани и буквално не само што го блокирате градот туку јас би рекла и се изживувате со скопјани.

Откако Коце Трајановски го направи историски најлошиот потег со набавка на кинеските авотбуси кои се распаѓаат по улиците, сега имаме локална власт на ДПМНЕ која е решена по секоја цена да го уништи претпријатието на кое му фалат најмалку 100 автобуси нормално да функционира.

Оваа ситуација секојдневно ги погодува граѓаните на Скопје, кои се соочуваат со проблеми поради нередовност, доцнење на редовните автобуси. Страдаат поради недостигот на нови автобуси и поради целосно нефункционалниот и застарен концепт на јавен сообраќај во Скопје.

Во март 2022 година, најавивте дека сте во преговори со светски компании за набавка на нови 100 електрични автобуси во Скопје.

Еве ја вашата изјава:

„Изминатиот период сериозно работевме на контакти, разговори и преговори со неколку светски компании коишто произведуваат електрични автобуси, кои беа дел од изборната програма и ветување на градоначалничката Данела Арсовска. Со набавка на нови минимум 100 парчиња на електрични автобуси ќе допринесеме за намалување на загадувањето на воздухот и за таа цел изминатиот период остваривме комуникација со многу производители“

Поминаа 2,5 години нови 100 автобуси во Скопје нема. Не го исполнивте ветувањето за инвестиции и модернизација на јавниот превоз.

Одговорност имаат и советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои намерно не гласаат за набавката на нови автобуси во советот но и кај Владата затоа што не презема никакви мерки.

Над 25 пати советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во советот на град Скопје одбива да изгласа набавка на нови автобуси.

Сега најавувате нови 250 автобуси.

Па зошто досега не купувате? Зошто не им дозволивте на советниците во градот Скопје да изгласаат одлука за набавка на автобуси?

Шест EKO автобуси, донација од ЕУ пред некој ден пристигнаа во ЈСП, претохдната локална власт во Скопје 33 нови еколошки автобуси набави вие како локална и централна власт не можете да набавите ниту еден автобус?

Или важно е кој ќе преговара за набавката?

Велите нови автобуси, а немате предвидено во буџетот пари за нови автобуси. Каде ви се новите автобуси во буџетот господине Мицкоски?

Излезете и одговорете и на јавноста кој ќе понесе одговорност“, побара пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска.

На почеток