(Видео) Мицкоски со најостра осуда: Ваков тип на обиди за ескалација на случувањата и креирање на етнички тензии ќе има и во иднина
Премиерот Христијан Мицкоски најостро го осуди сквернавењето на македонското знаме вчера вечер.
„Тоа претставува чин на агресија. Нешто за кое што ние предупредувавме дека ќе се случува. Ваков тип на обиди за ескалација на случувањата и креирање на етнички тензии дека ќе има, а ќе има и во иднина. Ако мислите дека ова ќе биде изолиран случај нема да биде, очекувајте дека ќе има и во иднина. Како правдата се доближува до криминалците така тие ќе стануваат понервозни и понетрпеливи. Единствениот начин да го одбранат криминално стекнатиот капитал е токму вака со манипулирање и предизвикување ваков тип на инциденти“, изјави Мицкоски.
Тој честита на навремената, трезвена и државничка акција на МВР; Бирото за јавна безбедност, СВР Скопје кои не дозволија ескалирање и реагираа во насока на приведување на лицата кои го сквернавеа македонското државно знаме.
Тие се приведени, во текот на денот се очекува да бидат изведени пред судија. Тие ќе бидет обвинети според членот 319 од Кривичниот законик каде што е запретена затворска казна од минимум една, максимум пет години за предизвикување национална нетрпеливост и загрозување на националните симболи.
Тој апелираше до македонските граѓани на трезвеност.
„Да не дозволиме овие инциденти да предизвикаат негативни чувства. Ова е мала, изолирана, манипулирана група од оние кои ги штитат своите милиони“, кажа Мицкоски и додаде дека нема да има милост кон никого.
„Секој оној кој што ќе го прекрши Законот и Уставот ќе одговара. Ако мислат дека се недопирливи, дека ова што го зборуваме не е вистина, силно ќе се разочараат“, изјави премиерот и додаде дека имале информации дека вакво нешто ќе се случи во текот на вчерашниот ден.