Соработката на Министерството за локална самоуправа и Мировниот корпус на САД потврдена со потпишување на Меморандум


Министерот за локална самоуправа Златко Перински и директорот на Мировниот корпус на САД Дејвид Рисајд, потпишаа Меморандум за соработка, со што беше потврдено стратешкото партнерство меѓу двете земји и соработката во различни области.
Во наредниот период над триесет нови волонтери на Мировниот корпус ќе престојуваат во општини во земјава и ќе бидат вклучени во локалните заедници. Волонтерите преку соработка со локалната администрација, училиштата и граѓански организации ќе имаат можност да го научат македонскиот јазик, да ја запознаат нашата култура, но и да споделат искуство и да помогнат во изучувањето на англискиот јазик.
Мировниот корпус на САД, обучува и ангажира доброволци за давање меѓународна развојна помош и реализира Програма за развој на заедницата, која се фокусира на организациски развој и градење капацитети на единиците на локалната самоуправа, центрите за регионален развој, невладините организации и младински центри.
Од 10 декември 36 лица на волонтерска основа ќе работат во два сектора, унапредување на наставата и инклузивното образование во основните и средни училишта и во секторот Развој на заедниците во невладини организации и во администрацијата на општините Росоман, Пехчево и Зрновци.
„Заемната размена на искуства и знаење е добредојдена и за двете страни. Оваа мисија значително ќе помогне за зајакнување на капацитетите на нашите општини, невладините и младинските организации, а во голема мера ќе придонесе и за унапредување на инклузивното образование во интерес на локалното население и општеството во целост“, изјави министерот Перински, кој се заблагодари за досегашната и идна соработка.
Соработката со Мировниот корпус во рамките на програмата за развој на заедницата е започната во 2005 година. Низ годиниве во рамки на соработката, 91 волонтер работеле во 49 општини низ земјава, а само во последниве години волонтирале 25 лица.
