Сириската армија потврди дека бунтовниците влегле во Алепо
Сириската армија објави дека изгубила десетици војници во напад на бунтовниците кои влегле во големи делови од северозападниот град Алепо, принудувајќи ја сириската армија да се прегрупира. Воената изјава е нејзино прво јавно признание дека бунтовниците предводени од исламистичката група Хајат Тахрир Ал Шам влегле во градот Алепо, кој е под контрола на владата, во ненадеен напад што започна претходно оваа недела.
„Големиот број терористи и повеќекратните фронтови ги принудија нашите вооружени сили да спроведат операција за прераспоредување со цел зајакнување на одбранбените линии за да го апсорбираат нападот, да ги спасат животите на цивилите и војниците и да се подготват за контранапад“, соопшти војската.
Нападот на бунтовниците претставува најзначајниот предизвик во последниве години за претседателот Башар ал Асад. Борбените полиња во Сирија главно се замрзнати од 2020 година Сириската армија соопшти дека бунтовниците не успеале да воспостават постојани позиции во градот Алепо бидејќи армијата постојано ги бомбардира нивните позиции.
Два сириски воени извори претходно објавија дека руски и сириски воени авиони гаѓале бунтовници во предградие на Алепо во саботата. Русија ги распореди своите воздушни сили во Сирија во 2015 година за да му помогне на Асад во граѓанската војна што започна во 2011 година.
Бунтовничките сили започнаа ненадејна офанзива претходно оваа недела, пробивајќи ги градовите под контрола на владата за да стигнат до Алепо речиси една деценија откако владините сили поддржани од Русија и Иран ги протераа бунтовниците од градот.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во петокот изјави дека Москва го смета нападот на бунтовниците за кршење на суверенитетот на Сирија. „Ние се залагаме сириските власти да воспостават ред во областа што е можно поскоро и да го вратат уставниот поредок“, рече тој.