Свет

Мицотакис: Верувам дека Северна Македонија ќе сфати дека не е нејзин интерес да го следи ставот што создава проблеми со Грција

Верувам дека земјата ќе сфати дека не е во нејзин интерес да инсистира на ставот што создава проблеми со нејзиниот најголем сосед, кој исто така е и голем инвеститор во земјата и од кого очекува поддршка на европски пат, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата „Антена“, говорејќи за односите со Северна Македонија и уште еднаш ја повтори позицијата дека очекува јасен став од државниот и политичкиот врв дека го почитува Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис рече дека на Балканот, „за жал, сè уште постојат сили кои сметаат дека ќе имаат политичка корист ако ги разбудат старите духови на балканскиот национализам“, додавајќи дека ова „во голема мера се случи со актуелната Влада на Северна Македонија, и во предизборниот период, но до одреден степен и по изборите“.

Она што го очекувам, не само јас, бидејќи прашањето не е билатерално, се однесува и на Европа, до одреден степен се однесува и на НАТО, е многу јасна изјава на државниот и политичкиот врв дека почитувањето на Договорот од Преспа е целосно и дека името на земјата е Северна Македонија, без разлика дали го користат вон земјата или во внатрешноста на земјата.

Верувам дека се движиме во вистинската насока, рече Мицотакис.

На почеток