Коцевски тргна да го дисциплинира и вишиот обвинител Цветановски, во чии раце е одлуката за бонусите во СЈО
Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски иницираше дисциплинска постапка и за вишиот обвинител Јован Цветановски, во чии раце е предметот за бонусите во СЈО. Коцевски тврди дека постапката е покрената поради ревизијата која покажала несовесно и нестручно работење, а доаѓа по јавната војна помеѓу суспендираниот обвинител Мустафа Хајрулахи кој јавно во „Претрес“ кажа дека трпел притисоци од републичкиот обвинител.
„Јавниот обвинител на Република Македонија ги разгледа записникот и конечниот извештај од извршениот надзор во Вишото јавно обвинителство Скопје, како и службените белешки во прилог, и врз основа на наодите за констатираните состојби одлучи до Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност на јавните обвинители да достави предлог за поведување дисциплинска постапка против јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје заради нестручно и несовесно работење во 4 предмети во кои се откажал од жалба или обвинение. Предлог за поведување дисциплинска постапка е поднесен и против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје пред кого била реферирана и со чија согласност била донесена одлука во три од наведените предмети, како и поради констатираните неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје“, велат од Обвинителството.
Хајрулахи не го поштеди Коцевски и јавно кажа дека му вршел притисоци за да предметот од кои се засегнати обвинтиели од СЈО, да биде затворен. Кажа и дека Коцевски преку ќерка му, давал податоци од Обвинителството по новинари.
Цветановски е еден од тројцата обвинители против кој се водеше постапка за непостапување на настаните на 27 април.Место да отворат сеопфатна истрага за 27, поранешната шефица на Скопското обвинителство Гордана Ѓешковска, нејзиниот тогашен заменик Јован Цветановски и тогашниот шеф на обвинителството за организиран криминал Златко Биковски го расцепкале случајот на помали истраги, сместувајќи ги во ОЈО Скопје.
Советот на јавни обвинители го затвори случајот.