Нема да се зголеми возраста за пензионирање?
Владата не размислува да го прифати предлогот на Фискалниот совет за зголемување на старосната граница за пензионирање и зголемување на стапката на придонесите, бидејќи состојбата во Пензискиот фонд се стабилизира, а во иднина ќе почне и исплатата на пензии од вториот столб, изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска по седницата на Економско социјалниот совет.
„Состојбата во Пензискиот фонд е стабилна, а буџетската дупка во Фондот ќе биде таква сѐ додека поробустно не почне да се реализира вториот пензиски фонд. Очекувам тоа да се случи за 6 до 7 години. Она што го предложи Фискалниот совет како алатка го имаме и сега, но не размислуваме за нивна употреба“, рече Мицкоски.
Тој рече дека Владата не размислува ниту за реформа на трите пензиски столба иако има различни гледања за решавање на прашањето на дупката во Фондот преку национализација на вториот столб.