Денеска ќе се протестира во Скопје, целта е чист воздух: Од 3.828 до 5000+ луѓе во Македонија ги губат своите животи
Денеска во 16:00 часот ќе започне најавениот протестен марш за чист воздух. Протестот ќе започне од Министерство за животна средина и просторно планирање, ќе продолжи пред преку Собранието, а маршот ќе заврши пред Владата на Северна Република Македонија.
Организаторите „Зелен хуман град“ и „Шанса за Центар“ велат дека го организираат протестот бидејќи секоја година од 3.828 до 5000+ луѓе во Македонија ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5. Ова претставува 17,7% од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух, посочуваат од Зелен хуман град.
Бараме од надлежните институции, се истакнува во најавата за маршот, итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на овие ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и драстично ќе го намалат аерозагадувањето.
Сите предлог мерки неопходни во справувањето со аерозагадувањето се објавени тука: https://mojgrad.mk/blog/protest-za-chist-vozduh/
Организаторите ги повикуваат сите граѓани да бидат дел од маршот затоа што, „правото на чист воздух следува! Искористи го протестот за да го изразиш своето барање за чист воздух од институциите“.