(Видео) И Ахмети со Села дојде пред Уставен, додека горе се расправа за спорниот Закон за јазици
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети и формалниот претседател на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, дојдоа пред Уставен суд додека внатре се расправа за Законот за јазици. Тие се придружувани од партиски структури, па така, може да се види и експратеникот Арбер Адеми. Прв пред насобраните кај Уставен се обрати Зијадин Зела кој зборуваше за важноста на Албанците во стабилноста на Македонија и ги упати овиците кои ги слушнавме и изминатите години – да не се чепка Законот. Слични пораки упати и Ахмети. Двајцата се обратија на албански јазик, без да го употребуваат македонскиот.
За исто време, во тензична атмосфера, се расправа за спорните одредби од Законот за јазици во Уставниот суд. Имаше обид за седницата да се одложи, но неуспешен. Судот за првпат се подели по етничка основа, откако двајца судии не дојдоа на работа, а еден ја напушти салата додека се расправа за Законот за употреба на јазиците.
Во иницијативите, подносителите го оспоруваат постапувањето на Собранието на Република Северна Македонија во однос на донесувањето на Законот и сметаат дека претседателот на Собранието, иако бил должен, не го вратил предлогот на Законот и не побарал од предлагачот да го усогласи воведот на предлогот на Законот со Деловникот на Собранието, туку го доставил до пратениците со што сторил повреда на Деловникот на Собранието.
На веб страницата на Уставниот суд, во ставката „материјални аспекти на оспорување“, пишува:
„Подносителите ја оспоруваат целината на Законот од аспект на Амандманот V од Уставот бидејќи ја проширувал уставната рамка дадена во овој амандман во врска со употребата на јазиците на немнозинските заедници и определувал еднаквост на друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, со македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како службен јазик на целата територија во Републиката и во нејзините меѓународни односи, наместо тој друг јазик и писмо да се користат како што е определено со Амандман V точка 1 ставови 3, 4, 5 и 6 од Уставот“.
Во иницијативите се наведува и дека „Називот на Законот“ бил непрецизен и создавал правна забуна, дека се однесува на македонскиот јазик, на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Републиката, како и на јазиците што го зборуваат припадниците на немнозинските заедници кои се под 20% од граѓаните во Републиката, што е спротивно на Амандман V точка 1 ставови 2, 3, 4, 5 и 6 на Уставот, како и на член 51 од Уставот.