Свет

Русија ја блокираше апликацијата Вибер

Руските власти ги блокираа услугите на апликацијата Вибер бидејќи операторот наводно го прекршил законот, соопшти во петокот рускиот телекомуникациски регулатор Роскомнадзор.

Регулаторот рече дека апликацијата, во сопственост на јапонската мултинационална компанија Ракутен, се користела за терористички и екстремистички цели, за продажба на дрога и ширење дезинформации.

Обвинителите го истражуваа Вибер за ширење „информации за дестабилизирање на политичкиот и општествениот поредок во Русија“, објави државната новинска агенција ТАСС.

Вибер не го коментираше ова.

Од 2018 година, операторите на комуникациските платформи во Русија мора да складираат приватни податоци на корисниците како што се повици, пораки, фотографии и видео и да ги достават до разузнавачките служби на барање.

Руските власти дополнително ја зајакнаа цензурата во земјата од почетокот на војната против Украина.

Вибер беше казнет минатата година за наводно дискредитирање на руските вооружени сили со тоа што не ги избришал информациите за војната како што наредил Владимир Путин.

Русија веќе блокираше голем број популарни апликации за пораки и социјални мрежи. LinkedIn, Facebook, Instagram и Signal не можат да се користат во Русија без VPN (виртуелна приватна мрежа).

На почеток