Македонија

Муцунски: Поранешни амбасадори ја направија дипломатијата најслаба карика на државата – мора да работиме одговорно и да не дозволиме повторување на такви постапки

„За жал, недостатокот на знаење кај поранешните амбасадори и генерални конзули ја доведе дипломатијата во состојба да биде најслабата карика на државата. Мора да работиме одговорно и нема да дозволиме вакви постапувања во иднина,“ истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во вечерашното гостување во Дневникот на Сител телевизија, говорејќи за индициите за потенцијални злоупотреби.

Муцунски зборуваше за работењето на дел од дипломатите, нагласувајќи дека имало сериозни постапки спротивно на законите, за кои ќе следи соодветна законска одговорност. Говорејќи за поранешниот амбасадор Љубомир Фрчкоски, министерот информираше дека министерството е во завршна фаза од ревизијата, при што првичните наоди од финансиско-материјална точка се застрашувачки.

„Имаме амбасадори кои заборавиле кого претставуваат и дека имаат обврска да го штитат јавниот интерес. Тоа е тенденција која траела подолг период, за што мора да има институционална одговорност. Ние, како раководство на министерството, нема да дозволиме вакво нешто да се случува во иднина,“ нагласи Муцунски.

За работењето на амбасадорот и поранашен заменик министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, министерот изрази жалење што, според него, Жерновски не прави разлика помеѓу копии од акредитивни писма и акредитивни писма. „Со дејствувањето на Жерновски, државата беше доведена во подредена положба, а нашите интереси беа нарушени. Разочаран сум што поранешен заменик министер не прави суштинска разлика помеѓу копија од акредитивни писма и акредитивни писма,“ изјави Муцунски.

Тој спомена и случај каде генерален конзул бил именуван спротивно на законот, кој експлицитно бара високо дипломатско звање за вакво именување. „Ова покажува дека правилата и процедурите не се почитувале, и за тоа ќе има одговорност во рамките на МНР, како и кривична одговорност во други институции. Ние ветуваме дека законите ќе се почитуваат, а отчетноста и одговорноста ќе бидат приоритет,“ додаде тој.

Во однос на пополнувањето на амбасадорските места во земјите од стратешки интерес, Муцунски изрази очекување дека до крајот на годината ќе бидат познати дел од потенцијалните имиња за овие позиции.

Говорејќи за предложените измени на Законот за надворешни работи, Муцунски изјави дека денес е историски ден за државата, подвлекувајќи дека предложените измени се насочени кон подигнување на квалитетот и професионалноста на дипломатијата.

На почеток