Тошковски: Истрага за осуммина во Лотарија, меѓу кои и поранешен премиер и вицепремиер
„Против поранешен премиер, вицепремиер, директор на правно лице и генерален секретар поднесени се кривични пријави за сторени повеќе кривични дела што довеле до поголема штета на буџетот“, информира денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Ова министерот го кажа на денешната прес-конференција на која изнесе повеќе детали во врска со трите акции кои изминативе два дена полицијата ги спроведе на повеќе локации во Скопје, но и во други градови во земјава.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на прес-конференција го повика Груби „ако е чист како солза“ да се врати во земјата, ветувајќи му правда и лична безбедност, а дека постапката ќе биде согласно законите.
„Десет минути пред да пристигне полицијата тој добил информација и побегнал. Тоа е катастрофално и за тоа мора некој да одговара“, рече Тошковски.
Конкретно, иако тоа не го кажа експлицитно на прес-конференцијата, поранешниот премиер, вицепремиер, директор на фирма и генерален секретар се однесуваат на случајот со Државната лотарија.
Во врска со овој случај, освен за овие лица пријави има и за уште четири други, за кои Тошковски рече дека се државни службеници што работат во рамки на едно од правните лица.
Според министерот, во конкретната акција, полициските службеници денеска наутро, постапувале по наредба на Основно јавно обвинителство при што биле извршени претреси на повеќе локации.