Нов мобилен оператор влегува на македонскиот пазар, доаѓа од Будимпешта
Групацијата 4iG, преку својата подружница ОНЕ Македонија Телекомуникации, официјално достави писмо за намери до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), каде го изразува својот интерес за обезбедување на достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во Северна Македонија.
„Среќни сме што и официјално го започнавме влезот на телекомуникацискиот пазар во Северна Македонија“, рече Пал Заранди, директор за мобилни и 5G стратегии во Групацијата 4iG. „Го препознавме потенцијалот на пазарот и уверени сме дека нашето искуство во соседните земји, како што се Албанија и Црна Гора, нè позиционира во насока да даваме најсовремени услуги за клиентите и бизнисите овде. Секогаш кога ќе одлучиме да влеземе на нов пазар, од клучно значење е да имаме и поддршка од регулаторната средина и подобро да ги разбереме локалните услови“, додаде Заранди. „Ангажиравме домашни и меѓународни експерти за да направат сеопфатна анализа на пазарот во Северна Македонија и сигурни сме дека нашиот пристап ќе донесе додадена вредност во секторот.”
4iG, една од најистакнатите унгарски ИКТ и телекомуникациски компании, вработува над 8 000 висококвалификувани професионалци и опслужува над 10 милиони конекции во регионите каде што е присутна. Групацијата е позната по својот иновативен пристап и сигурни решенија. Како компанија е посветена на воведување напредни технологии како што се 5G, IoT и инфраструктура управувана од вештачка интелигенција, што ќе го отвори патот Северна Македонија да стане земја со подобра мрежа и поголема компетитивност.