Утревечер Скопје останува без вода: колку ќе трае зафатот и кои се населбите кои не се засегнати
Утревечер (20 декември), во 22 часот, Скопје ќе остане без вода. По празнењето на главната цевка, ќе се работи на санација на проблемите на летири локации. Познато е дека зафатот ќе трае, но не се знае колку.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска информираше дека санирањето на главниот цевковод во главниот град, нема да трае подолго од една обична санација на дефект.
„Од „Водовод“ веќе известија иницијално. Се работи за зафат кој има сложен и оперативен план и затворање на една од главните доводни цевки на магистралниот цевковод. Се прави еднаш во 50-60 години. Континуирано веќе една деценија се одложувало санирањето. Овој дефект е еден од четирите кои ќе се санираат во текот на викендот. За истото нема да има потреба од дотур на вода. Нема да трае подолго од една редовна санација на било кој дефект. Службите кои што работат во градот и согласно онаа студија за состојбите во која се магистралните цевководи, покажуват дека апсолутно ќе биде завршено во едно деноноќие. Нема да биде ништо надвор од сите останати процедури што ги имаме при санација на не толку сериозни дефекти низ градот, рече градоначалничката на прес-конференција пред акцијата за засадување дрвца кај новиот Мега Парк во општина Карпош.
Вода ќе имаат само населбите од левата страна на реката Вардар, односно Чаир, Бутел, Радишани, Пластичарска улица до Американска амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда висока зона, Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шутка, Топанско Поле, Новоселски Пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански Двор, Волково и Орман.
Останатите корисници ќе бидат без вода.