Каде е Груби: Тошковски го поздрави потегот на ДУИ
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски не сака да шпекулира околу информациите каде се наоѓа во моментов екс-вицепремиерот Артан Груби кој веќе една недела е во бегство. Според него, битно е дека е распишана меѓународна потерница по него.
„Не би сакал да шпекулирам“, гласи одговорот на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
На прашањето од каде му се сознанијата на вицепремиерот Изет Меџити дека Груби се наоѓа во Албанија, првиот полицаец во државата синоќа во ТВ Сител изјави: „Во мојата надлежност, битно е дека кај (полицискиот) службеник кој што работи во граничната контрола и кој што сторил кардинална грешка при постапувањето и не постапил согласно стандардно-оперативни процедури е спроведена истрага и е констатирано дека нема постапено согласно закон. Суспендирано е лицето и поднесена е соодветна кривична пријава за несовесно работење во службата“.
Министерот исто така додаде дека е добро што „ДУИ се огради од еден бегалец од правдата и тоа е поздравување“.
Идентичен одговор како Тошковски вчера даде и премиерот Христијан Мицкоски дека има „различни се информации“ и дека не сака да шпекулира во врска со тврдењата на еден од неговите заменици во Владата.