Одново се суди усмртувањето на пешакот кај МНТ: Возачот со нов адвокат, судот треба да има супервештачење
Владимир Туфегџиќ е адвокатот кој сега ќе ја брани Гордана Филиповиќ, возачот кој со „БМВ Х5“ удри во пешакот Слободан Анѓеловски. Тој почина на лице место. Случајот се суди одново поради промена на судечкиот совет. Нов судија Лидија Петровска. Судењето се одложи бидејќи обвинителката имала притворски предмет.
Несреќата се случи во 2022 година, беше донесена пресуда за таа да оди три години во затвор. Сепак, пресудата е укината од Апелација со напатствија да се направи супервештачење за причините за смртта, како и зошто пешакот паднал по загуба на рамнотежа.
Според второстепените судии, неопходно е супервештачењето, бидејќи во претходните имало контрадикторности. Пред Туфегџиќ, нејзин адвокат беше Љубомир Михајловски-Џанго.
Несреќата се случи на преминот пред мостот Гоце Делчев, а Филиповиќ не застанала на преминот по кој се движел Анѓеловски. Гордана Филиповиќ е мајка на Јелена која претходно настрада во сообраќајна несреќа на 17-годишна возраст во возило управувано од пијан и дрогиран возач.