Истрага за убиството во Тетово, предложен притвор за таткото кој го уби својот син
Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 65-годишен тетовец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Убиство според член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
При семејно насилство и по кратка меѓусебна расправија, осомничениот со истрел од ловна пушка која ја поседувал со дозвола, со умисла го лишил од живот сопствениот 39-годишен син, со кого живееле во истиот стан.
Куршумот ја погодил жртвата во градниот кош и тој веднаш починал, а осомничениот седел во станот со безживотното тело на починатиот додека не ги пронашле.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.