Трамп не се откажува од Гренланд и од Панамскиот канал: „Не можам да исклучам ниту испраќање војска“
Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, во понеделникот изјави дека не може да каже дека нема да користи воени и економски алатки за да добие контрола врз Панамскиот канал и Гренланд, пишува новинската агенција Ројтерс.
– Сепак, можам да го кажам ова: ни требаат за економска безбедност – рече Трамп.
Островот Гренланд е сопственост на Кралството Данска, а таму се наоѓа базата на американските вселенски сили Питуфик.
Со Панамскиот Канал денес управува Управата на Панамскиот Канал. САД го контролираа Каналот од 1914 до 1977 година, кога Американците и Панамците почнаа заеднички да управуваат со него. Панама ја презеде контролата над Каналот во 1999 година.
Пред неговата инаугурација на 20 јануари, новоизбраниот претседател на САД вети дека Мексиканскиот Залив ќе го направи Американскиот Залив и ќе воведе тешки царини за Мексико и Канада.
– (Мексиканскиот Залив) зафаќа голема територија. Американски Залив, какво убаво име – рече Трамп.
Трамп претходно изјави дека ќе го смени името на најголемиот планински врв во Северна Америка – Денали. Поточно, тој вети дека повторно ќе се вика Монт Мекинли. Поранешниот американски претседател Барак Обама го промени името на планинскиот врв лоциран во американската држава Алјаска во чест на домородните Американци.
Новинската агенција Асошиетед прес пишува дека Трамп им рекол на жителите на Гренланд дека Америка ќе биде добра со нив.
Доналд Трамп Јуниор и претставници на новоизбраниот претседател на САД во вторникот го посетија Гренланд.