Нема пилоти за ер-тракторите, нема план во случаи на пожар, поплава или земјотрес
Заводот за ревизија во својот извештај посочува повеќе проблеми во функционирањето на Дирекцијата за заштита и спасување.
Како проблем го посочува недостигот на пилоти за трите авиони кои гасат шумски пожари. Од Дирекцијата пак велат дека побарале зголемување на платите за пилоти со што очекуваат се надеваат на зголемен интерес за тие работни места.
Дирекцијата тешко ќе се справи со последиците во земјотрес, поплава или пожари. Ова е заклучокот од извештајот на Државниот завод за ревизија кој го проверувал работењето на Дирекцијата.Најголем проблем бил немањето Национална стратегија за заштита и спасување. Руинирани и без најсоодветен инвентар се и голем дел од засолништата кои се доделени на Дирекцијата за заштита и спасување. Тие се блокирани од мебел и покуќнина или личат на депонии. Ваквата состојба е утврдена од страна на државните ревизори при посетата на засолнишата во Општините Центар, Аеродром, Карпош, Гази Баба, Велес и Штип. Некои од нив воопшто не се ни во функција поради неисправни системи за вентилација и недостаток на струја и вода.
„Ваквата состојба создава ризик од некоординирани активности на локално, национално, регионално и неѓународно ниво при справувањето со опасностите од природни непогоди и влијае врз целокупниот систем на заштита и спасување во државата“, наведува Државниот завод за ревизија во својот извештај.
„ДЗС нема донесено пишани критериуми за утврдување на потребите и приоритетите за набавка на противпожарна опрема и средства за гасење на пожари за протипожарните единици. Во 2023 година набавени се 40 изолациски дишни апарати и 20 рачни термални камери за пожарникари, но истите не се распоредени на ТППЕ по општините, туку се складирани во магацините на ДЗС”, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија.