(Видео) Патничкиот авион на „Американ ерлајнс“ се урна по судир со воен хеликоптер над Вашингтон: „Не знаеме дали има преживеани“
Патнички авион на Американ ерлајнс се урна во Вашингтон откако се судри со воен хеликоптер. Потврдено е дека во авионот Bombardier CRJ700 имало 60 патници и 4 членови на екипажот, а во тек е голема потрага по преживеани во и околу реката Потомак.
🚨BREAKING: American Airlines Flight 5342 from Wichita, Kansas has crashed into a helicopter while landing at Reagan National Airport near Washington, DC#potomac #PotomacRiver pic.twitter.com/Ddq1qwa25S
— AJ Huber (@Huberton) January 30, 2025
Авионот се судрил со Black Hawk при слетување на аеродромот Роналд Реган. Несреќата се случила околу 21 часот по локално време и од тој момент целиот сообраќај на аеродромот бил во прекин. Само спасувачки хеликоптери полетуваат за да ја пребаруваат областа.
– Авион на PSA Airlines Bombardier CRJ700 се судри во воздух со хеликоптер Sikorsky H-60 додека се приближуваше на пистата 33 на Националниот аеродром Реган Вашингтон во 21:00 часот по локално време. Авион PSA на American Airlines полета од Вичита, Канзас. НТСБ ќе ја води истрагата, се вели во официјалното соопштение.
Иако се уште не е познат вкупниот број на жртви, според извештаите на американските медиуми, паднатиот авион на Американ ерлајнс се преполовил во реката Потомак. Бродови и нуркачи трагаат по луѓе, јавува Би-Би-Си.
Во близина на леталото се наоѓа и хеликоптерот кој учествувал во несреќата и паднал наопаку во водата.
Си-Би-Ес објави дека 18 тела се извлечени од реката Потомак откако се судриле патнички авион и воен хеликоптер Блек Хок.
Засега не се пронајдени преживеани.
Американ ерлајнс потврди дека во авионот имало 64 лица – 60 патници и четворица членови на екипажот. Во хеликоптерот имало тројца војници, изјави американски претставник.
Извршниот директор на Американ Ерлајнс, Роберт Исом изрази „длабока тага“ поради судирот меѓу патнички авион и воен хеликоптер Блек Хок.
Тој рече дека станува збор за „сериозна несреќа“ и дека авиокомпанијата работи со локалните, државните и федералните власти и дека „целосно соработува“ со истрагата на Националниот одбор за безбедност на транспортот.
„Сè што можеме да направиме, правиме“, додава Исом, истакнувајќи дека Американ ерлајнс испрати тим во Вашингтон, и дека тој самиот ќе патува таму.
Асошиетед прес објави дека на помалку од 30 секунди пред судирот, снимките од воздушниот сообраќај покажале дека контролорите на летање го прашуваат екипажот на хеликоптерот дали можат да го видат авионот на повидок и му даваат инструкции на хеликоптерот да помине зад авионот што слетува.
Членот на екипажот на хеликоптерот одговори дека „авионот е на повидок“ и побара „визуелно одвојување“ од леталото што се приближува, што ќе им овозможи да летаат поблиску отколку што инаку би било дозволено доколку пилотите не можат да го видат леталото. Контролорите го одобрија барањето.
Околу 20 секунди подоцна, на аудио снимката се слушна метеж, а неколку секунди потоа контролорите почнаа да ги пренасочуваат авионите подалеку од местото на несреќата.
Џон Донели, шеф на противпожарната и итната служба на Вашингтон, вели дека операцијата за спасување е многу сложена бидејќи „таму условите се исклучително тешки“, пренесува Би-Би-Си. Во моментов на реката Потомак има 300 луѓе кои учествуваат во спасувањето на жртвите од авионската несреќа. Тие се во чамци и пристигнаа од целиот регион, откри тој.