Возачот Јованов се противел на притворот, се бранел дека не може да го повтори делото оти бил психички паднат
Возачот Васил Јованов кој ја усмрти Фросина Кулакова, преку неговиот адвокат барал Кривичен суд да не му одреди притвор, дознава „Скопје1“. Тој вчера го убедувал судот дека нема да бега, ни да влијае на сведоци, ниту да го повтори делото.
Јованов, преку адвокатот Сашко Дуковски, посочил дека не може да влијае на постапката бидејќи сите докази потребни на истрагата веќе се собрани. За можноста да избега, посочил дека е невозможно бидејќи пасошот му бил во судот. Тврдел и дека не може да го повтори делото, бидејќи, бил психички паднат, како и дека го погодил настанот, дознава „Скопје1“.
Овие аргументи не го убедија Кривичен суд, каде судија на претходна постапка одлучи да му одреди 30-дена притвор на Јованов. Тој е спроведен на издржување на притворот во затворот во Шутка.
Ова не му е првпат на Јованов да оди во затворска ќелија. Тој минатиот април завршил во притвор, кој му бил изречен додека траела истрагата за дрогата пронајдена во неговиот дом. По три и пол месеци, односно крајот на јули, тој излегува во притвор со одлука на судијката Даниела Алекосвска-Стојановска.