Свет

Откриени детали од заклучоците на европските лидери во Париз, Макрон разговараше со Трап

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп и со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да ги информира за вчерашниот собир на европските лидери во Париз.

Да потсетиме, лидерите на Обединетото Кралство и на Европската унија се состанаа вчера на вонреден самит за да разговараат за Украина. Извештаите покажуваат дека земјите биле поделени околу тоа дали Европа треба да испрати мировници во Украина во случај на договор за прекин на огнот.

Макрон доцна синоќа на социјалната мрежа Х напиша дека мировниот договор мора да биде проследен со силни и кредибилни безбедносни гаранции за Украинците.

– На ова ќе работиме заедно со сите Европејци, Американци и Украинци. Тоа е клучот, напиша Макрон.

Белата куќа ги опиша разговорите меѓу Макрон и Трамп како пријателски, додека Зеленски рече дека се согласиле дека сите безбедносни гаранции за Украина мора да бидат силни и сигурни.

– Убедени сме дека Европејците мора да инвестираат подобро, повеќе и заедно во својата безбедност и одбрана и за денес и за иднината. За таа цел, Европејците сакаат да го забрзаат спроведувањето на сопствената агенда за суверенитет, безбедност и конкурентност. Работата ќе продолжи врз основа на предлозите на Европската комисија, како за поддршка на Украина, така и за развојот и инвестирањето во нашата одбрана. Оваа програма, дефинирана во 2022 година на самитот во Версај, едноставно мора да се спроведе. Одлуки, акции, кохерентност. Брзо. Ќе ги продолжиме овие дискусии во наредните денови“, напиша Макрон.

На почеток