Свет

Зеленски го прими американскиот пратеник: Изборот е да бидеме со Путин или мир

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ќе прими специјален претставник на САД, откако доби жестоки критики од претседателот Доналд Трамп, кој рече дека Москва сега ги има картите за ставање крај на војната.

„Русите зазедоа многу територија, па ги држат картите“, изјави американскиот претседател вчера вечерта пред новинарите, откако претходно го нарече Зеленски диктатор кој не одржал избори.

Американскиот претседател го критикуваше Зеленски како неизбран диктатор и рече дека подобро е да дејствува брзо и мирно или ќе остане без земја. Во Киев не се одржаа претседателски избори во 2024 година поради војната.

Ова ново обвинување на Трамп, кој планира средба со рускиот претседател Владимир Путин, доаѓа неколку часа пред планираната средба во Киев меѓу американскиот пратеник Кит Келог и украинскиот лидер, која ќе се одвива во исклучително тензичен контекст. Според американскиот претседател, Киев ја избегнал посетата на министерот за финансии Скот Бесент минатата недела.

„Зеленски спиеше и не беше достапен да се сретне со него“, рече Трамп.

Зеленски, чија позиција се чини дека е ослабена поради зближувањето меѓу Вашингтон и Москва, рече дека со нетрпение очекува да работи конструктивно со Келог.

„Нашата иднина не е со Путин, туку со мир. А изборот на сите – дури и на најмоќните – е да бидеме со Путин или да бидеме со мир“, рече тој пред средбата со американскиот пратеник.

Тој додаде дека смета на единството и храброста на своите сонародници, како и на прагматизмот и конструктивниот пристап во односите со САД.

„Ние стоиме цврсто на сопствените нозе. Сметам на украинското единство, нашата храброст, на единството на Европа и на прагматизмот на Америка“, рече Зеленски во своето ноќно видео обраќање.

„Затоа што на Америка и треба успех исто како и нас“, додаде тој.

По пристигнувањето во Киев вчера, Кит Келог рече дека ја разбира потребата на Украина од безбедносни гаранции. Неколку дена пред третата годишнина од почетокот на руската инвазија, на 24 февруари, Зеленски потсети дека Украина сака да заврши оваа војна уште од првите секунди. Тој рече дека Трамп живее во рускиот простор за дезинформации и му помага на Владимир Путин да излезе од долгогодишна изолација.

На почеток