Свет

Папата помина мирна ноќ, но состојбата е критична, објави Ватикан

Папата Фрањо, кој е во болница борејќи се со пневмонија, помина мирна ноќ одморајќи се, соопшти утрово Ватикан.

Папата беше примен во римската болница Гемели на 14 февруари, откако имаше потешкотии со дишењето неколку дена, а потоа му беше дијагностицирана билатерална пневмонија. Ватикан вчера за прв пат ја опиша неговата состојба како критична, известувајќи дека тој ден му бил потребен дополнителен кислород и трансфузија на крв.

„Ноќта беше тивка, папата одмараше“, објави Ватикан во најновиот извештај утринава.

Ватикан синоќа соопшти дека здравјето на папата Франциско се влошило во последните 24 часа, додавајќи дека тој претрпел „продолжена респираторна криза слична на астма“ и дека примил трансфузија на крв.

„Светиот Отец е свесен и го помина денот во лежалка, иако е послаб од вчера. Во овој момент прогнозата останува неизвесна. Состојбата на Светиот Отец и понатаму е критична“, се вели во синоќешното соопштение на Ватикан.

Ватикан претходно објави дека Папата денеска нема да се појави во јавноста да се моли со аџиите, со што се одбележува втора недела по ред кога го пропушта настанот. Билатералната пневмонија е сериозна инфекција која може да ги оштети двете бели дробови и да предизвика отежнато дишење. Ватикан ја опиша инфекцијата на папата како „сложена“ бидејќи била предизвикана од два или повеќе микроорганизми.

Франциско, кој е папа од 2013 година, страдаше од периодично лошо здравје во последните две години. Тој е особено склон кон инфекции на белите дробови бидејќи кога бил млад заболел од плеврит и му бил отстранет дел од едното белодробно крило.

На почеток