Свет

Американците елиминираа еден од најопасните терористи во светот; Трамп: Неговиот мизерен живот заврши

Абдалах Маки Муслих ал-Рифа, познат како Абу Кадија, истакнат водач на Исламската држава во Ирак и Сирија, беше убиен во заедничка операција на ирачките разузнавачи и коалициските сили предводени од САД. Ирачкиот премиер Мохамед Шија ал Судани изјави дека Ал Рифа е еден од најопасните терористи во светот, пренесува Би-би-си.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја пофали операцијата, велејќи дека Ал Рифа бил „неуморно ловен“ од американските војници. Американската централна команда (Centcom) објави видео од нападот извршен во ирачката провинција Ал Анбар во четвртокот.

Ал-Рифа беше на чело на најважното тело на Исламската држава, одговорно за глобалните операции, логистика и финансии. Покрај тоа, тој ги насочуваше финансиите на целата организација на ИД.

Трамп објави на платформата Truth Social: „Неговиот мизерен живот беше прекинат, заедно со уште еден член на ИСИС, во координација со ирачката и курдската влада. Мир преку сила!“

Абдалах Маки Муслих ал Рифа и уште еден оперативец на Исламската држава беа пронајдени мртви со неексплодирани самоубиствени елеци и оружје. Centcom потврди дека ги идентификувале користејќи примерок од ДНК од претходната рација.

„Ќе продолжиме да ги уништуваме терористите и нивните организации кои ја загрозуваат безбедноста на нашите војници и партнери“, изјави генералот Мајкл Ерик Курила.

Иако ИД беше официјално поразена во 2017 година, групата продолжува да претставува закана преку милитантите и заспаните ќелии во Ирак, изведувајќи спорадични напади врз воените и полициските сили.

Исламската држава некогаш имала 88.000 квадратни километри територија, која се протегала од североисточна Сирија преку северен Ирак и наметнала власт над речиси осум милиони луѓе. Ирак го прогласи поразот на ИД во декември 2017 година, а групата беше протерана од нејзината последна територија во 2019 година, но милитантите продолжуваат да вршат спорадични напади врз ирачката армија и полиција.

На почеток