Македонија

(Видео) Уапсени повеќе од 20 лица, меѓу кои организатори на кобната забава во дискотеката во Кочани

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски соопшти дека 20 лица се уапсени. Дискотеката имала две нелегални лиценци, кои биле фалсификувани. Истите се издадени во 2024 година.

„МВР до овој момент, во врска со овој кривично правен настан има осомничено повеќе од 20 лица. Околу 15 лица се во полициска станица. Дел од осомничените се починати, дел се во болница. Четири лица имаме обезбедено во болница, два члена на бендот, син на сопственик на дискотека, и управител на правното лице кое ја менаџирало дискотеката. Дел од приведените лица кои се во полициска станица, се луѓе кои имаат директна вина во врска со овој крвично правен настан, согласно доказите кои ги имаме собрано. Имаме приведено едно лице кое е организатор на настанот и за кое имаме сомнение дека има директна вина поврзани со овој настан. Исто така, приведени се, поранешен државен секретар во Министерството за економија, поранешен раководител на еден сектор од Министерството за економија. Имаме приведено поранешен директор на Дирекција за заштита на спасување и тројца вработени во рамки на дирекцијата. Дел од приведените во Кочани се луѓе кои биле организатори“, рече Тошковски.

Тој додаде дека разговор е извршен со 25 лица, кои биле сведоци. Потоа, кажа и за лиценцата.

„Легална лиценца за работа, оваа фирма нема. Не би сакал да откривам детали во рамки на оваа истражна постапка. И оваа лиценца, како и многу други работи е поврзана со мито и корупција. И сакам и напоменам на македонската јавност, дека за разлика од претходно, во овој случај имаат име и презиме сите вклучени во рамки на нелегалното издавање на лиценци и ќе одговараат“, додаде Тошковски.

На почеток