Со десет камери Вучиќ кај повредените од Кочани: „изгореници се третираат како отворена рана, не смее вакви гужви од цивили“


Со над 10 камери и исто толку медиуми, српскиот претседател Александар Вучиќ вчера влезе во болницата каде што се лекуваат повредените од пожарот во Кочани. Ова наиде на жестоки критики кај дел од македонската и српската јавност, но предизвика и згрозување. Особено спорни, за јавноста, беа фотографиите кои Вучиќ ги сподели од повредените – кои беспомошно лежат во болничките кревети.
„Немојте прес конференции над пациенти, не е во ред, особено не над овие со тешки изгореници, без трошка политика во коментаров мој, изгореници се третираат како отворена рана, не смее вакви гужви од цивили. Од срце благодариме за цела помош, најискрено, ама немојте ова“, напиша докторот Ненад Лазаров.
Од овој настан има и видео материјали. На нив освен свесните пациенти кои се заблагодарија на помошта, има и лица кои не беа будни. Вучиќ одеше од кревет до кревет, а пред камерите, се елаборираше здравствената состојба на лицата.
