Трамп: Мора да го имаме Гренланд


Од враќањето на власт во јануари, Трамп постојано инсистираше на тоа дека САД ќе ја преземат контролата врз Гренланд, одбивајќи да ја исклучи можноста за употреба на сила за да се постигне таа цел.
„Потребен ни е Гренланд за меѓународна безбедност. Ни треба. Мора да го имаме. Мразам да го кажам, но мораме да го имаме“, му рече Трамп сега на Винс Кољанезе.
Гренланд, кој бара независност од Данска, има огромни неискористени резерви на минерали и нафта. Се наоѓа помеѓу Северна Америка и Европа, што е важно во време на зголемен интерес за Арктикот од страна на САД, Кина и Русија.
На прашањето дали мисли дека Гренланѓаните се желни да се приклучат на Соединетите Држави, Трамп рече дека не знае.
„Мораме да ги убедиме. И мора да ја имаме таа земја, бидејќи без неа не е можно правилно да се одбрани голем дел од Земјата, а не само САД“, рече тој.
Коментарите на Трамп ја поттикнаа данската премиерка Мете Фредериксен да се огласи на Фејсбук. „Не смееме да имаме илузии – интересот на претседателот Трамп за Гренланд не исчезнува. Тие знаат дека Гренланд не е на продажба. Тие знаат дека Гренланд не сака да биде дел од САД“, напиша таа.
Изјавата на Трамп доаѓа додека американскиот потпретседател Џеј Ди Венс се подготвува да ја посети американската база Питуфик на Гренланд со неговата сопруга Уша.
Гренландските власти постојано повторуваат дека не сакаат да бидат дел ниту од Данска, ниту од Соединетите држави. Според анкетите, повеќето Гренландци ја поддржуваат независноста од Данска, но не и анексија од Вашингтон. По изборите на 11 март, Гренланд моментално има преодна влада, а партиите се уште преговараат за формирање нова коалициска влада.
