Македонија

Обвинителка барала пониска казна за возачот кој ја усмрти Теодора по првата пресуда, иако претходно бил даден предлог да се потврди затворот од 3,6 години

Вишата обвинителка од Гостивар, Вјолца Елмази, прво барала да му се потврди казната од три години и шест месеци, а потоа се предомислила и барала пониска казна за обвинетиот Менсур Пајазити, кој ја усмрти Теодора Ристовска на пешачки премин. Ова го покажува пресудата на гостиварска Апелација, која беше изречена, а потоа Врховен суд ја укина. Обвинителката до судот доставила писмен предлог за одбивање на жалбата на обвинетиот возач, а потоа на јавна седница предложила делумно да се уважи и тоа во  делот на санкцијата. Па така, судиите Шефајет Хајдари, Даут Рустеми и Емине Мурати одлучиле да ја намалат казната на две години затвор. Од Обвинителството за „Скопје1“ потврдуваат дека барале да се намали казната, па се правдаат дека не очекувале дека ќе му намалат толку многу. Сепак, пресудата се темели и на предлогот.  Но немаат одговор зошто тоа не било направено преку писмениот предлог, туку прво Вишото обвинителство барала да се потврди казната, па се предомислило.

„Вишото јавно обвинителство Гостивар, до овој суд достави писмен предлог со кој се предлага да се одбие како неоснована жалбата на обвинетиот Менсур Пајазити, изјавена преку бранителот Александра Богданоски, против пресудата на Основниот суд Тетово. На јавната седница Јавниот обвинител од ВЈО Гостивар, изврши измена на писмениот предлог со тоа што предложи делумно да се уважи жалбата на обвинетиот Менсур Пајазити изјавена преку бранителот Александра Богданоски адвокат и тоа во делот на изречената кривична санкција спрема обвинетиот на начин што на обвинетиот да му се изрече поблага кривична санкција, имајќи ги во предвид олеснителните околности што стојат на страна на обвинетиот, а кои околности не биле во доволна мера ценети од страна на првостепениот суд“, стои во сега укинатата пресуда на Апелација, по која се водеше судијата во претходната постапка.

Ваквиот обвинителски предлог, кој е ист како на адвокатот на обвинетиот, го олеснило патот за пониска казна за возачот. Па судиите решиле дека тоа што обвинетиот е семеен човек и неосудуван, притоа тоа што после несреќата одел на психијатар, не биле доволно ценети околности, по што, му ја намалиле казната на две години.

„Овој суд смета дека наведените олеснувачки околности упатуваат на тоа дека во конкретниот случај постојат услови да на обвинетиот му се изрече поблага казна затвор, имајќи го во предвид и држењето на обвинетиот во текот на јавната седница пред овој суд, а воедно и предлогот од страна на Вишото јавно обвинителство Гостивар, во конкретниот случај оправдано би можело да се очекува дека и со поблага казна и тоа со казна затвор во траење од 2- две години“, стои во пресудата од гостиварска Апелација.

„Скопје1“, вчера испрати прашања до Обвинителството. Оттаму признаваат дека побарале намалување на казната, па се правдаат дека не очекувале тоа да биде речиси за половина од претходно изречената.

„Во однос на претходната постапка пред Апелацискиот суд, јавната обвинителка од ВЈО Гостивар на рочиште дала свој предлог во однос на попрецизно одмерување на казната, имајќи ја предвид пред сѐ околноста дека обвинетиот непосредно пред завршување на првостепената постапка признал вина, како и претходната пракса во слични предмети. Меѓутоа, предлогот на обвинителката не е задолжителен за Апелацискиот суд и тој предлог во ниту еден момент не се однесувал на намалување на казната за речиси половина од првостепената пресуда, како што досуди Апелација во својата одлука“, стои во одговорот на Обвинителството до „Скопје1“.

Прашани дали ќе се жалат на сегашната казна, од Обвинителството одговорија дека има основ.

„Основното јавно обвинителство Тетово сѐ уште не го примило писменото образложение на донесената пресуда. Меѓутоа, имајќи ја предвид висината на изречената казна, надлежниот јавен обвинител смета дека има основ за жалба. Конечната одлука ќе биде донесена по разгледување на образложението“, одговараат од Обвинителството за „Скопје1“.

Сепак, судијата од Тетовскиот суд, Ељведин Ферати, при донесување на пресудата во повторената постапка, која е две години затвор за возачот, не требало да се води од претходната пресуда и постапка. Истата е укината од Врховен суд. Истовремено, возачот кој ја усмрти Теодора, веќе две и пол години и натаму е на слобода.

На почеток