Кина: Не започнавме трговска војна, но ќе се бориме до крај


Како што трговската војна меѓу Кина и САД влегува во нова фаза, кинеското Министерство за надворешни работи ја одржа својата редовна прес-конференција, на која доминираше темата за царини и односите со Вашингтон.
Портпаролот на Министерството Лин Џијан веднаш беше прашан за царините, на што тој ги обвини САД дека „ја користат трговијата како оружје за максимален притисок“ и се обидуваат да постигнат „себични цели“.
„Овој потег не е само против Кина. Тоа е напад врз целиот свет“, рече Лин.
Зборувајќи за одговорот на Кина – царина од 84 проценти за американските стоки, тој рече дека тоа е „неопходна контрамерка против американска злоупотреба“ со цел да се заштити кинескиот суверенитет, меѓународната правда и заедничките интереси на светската заедница.
„Трговските војни немаат победници. Кина не ги сака, но не се плаши од нив“, рече Лин, додавајќи: „Ако САД решат да се борат, Кина ќе оди до крај“.
На прашањето дали Кина ќе одговори на тврдењето на Трамп дека „чека покана од Пекинг“ за почеток на преговорите, Лин без двоумење одговори: „Притисокот, заканите и уцените не се начин да се реши проблемот со Кина. Ако САД сакаат да разговараат, мора да покажат став на еднаквост, почит и взаемна корист“.
Тој повтори дека Кина не иницирала трговска војна, но доколку биде принудена, „ќе се бори до крај“.
Зборувајќи за ефектот на американските царини врз остатокот од светот, Лин рече дека САД „ги држат за гуша други земји“ за да ги принудат на отстапки. Тој го оцени како форма на принуда насочена кон доминација во меѓународниот трговски поредок.
Во истиот контекст се осврна и на односите со Европската Унија. Тој ја пофали изјавата на шпанската влада дека ќе ги продлабочи трговските врски со Кина, и покрај американските предупредувања. Да потсетиме, од Вашингтон стигна предупредување до Мадрид дека приближувањето до Пекинг значи „сам да си се сече гркланот“.
Лин рече дека односите меѓу Кина и Шпанија се составен дел од поширокото стратешко партнерство со Европската унија.
