Скопје

(Видео) Градејќи нова, урнале ѕид од зграда: инцидент во Ѓорче, станари велат дека ова е загрозување на нивната сигурност и здравје

Под притисок на бетонска маса од соседна зграда чија изградба е во тек, се урнал ѕид кај соседите. Ова го јавуваат жители од булеварот „Партизански одреди“ 165. Тие посочуваат дека за време на истурање на бетон, ѕидот им попуштил и паднал на скалите. Станарите случајот го пријавиле во полиција, како и во општината Ѓорче Петров. Станари сведочеа дека се среќни што не настрадал човек, а во моментот кога се случило ова – во ходникот немало никој.

„Спроти нашата зграда моментално се гради нов објект, и утрово, за време на истурање бетон, дојде до рушење на ѕид од внатрешниот дел на нашата зграда. Под притисокот на бетонската маса, ѕидот целосно попушти и падна во заедничкиот простор на скалите, нанесувајќи голема штета. Дополнително, оштетени се инсталации (електрични и водоводни), што претставува сериозна закана по безбедноста на сите станари во зградата. Ова не е само материјална штета – туку и директно загрозување на нашата сигурност и здравје“, вели жител на зградата.

Од Општина Ѓорче Петров велат дека ова предизвикало загриженост кај нив. Утврдиле дека инвеститорот и изведувачот направиле штета.

„За истата, тие ќе бидат веднаш, без никакво одлагање, задолжени да ја санираат. Дополнително, согласно законските прописи, против нив ќе биде изречена соодветна казна. Сакаме да нагласиме дека Општината нема да дозволи несовесно градење и постапки кои го загрозуваат квалитетот на живеење и безбедноста на граѓаните. Бидејќи се работи за штета со можен основ за надомест, жителите имаат право да побараат и дополнителна правна заштита преку надлежните судови“, велат Општина Ѓорче Петров.

На почеток