Свет

Амбасадорот во Норвешка осомничен за пожарот во „Пулс“ најави враќање во Македонија, Тошковски очекува за кратко да биде достапен

Актуелниот македонски амбасадор во Норвешка и Исланд, кој е и поранешен министер за економија, Дритон Куќи, е еден од 19 осомничени во проширената истрага на ОЈО за пожарот во дискотеката во Кочани. Од МНР бил повикан на информативна средба, а тој најави дека ќе се врати.

„Денес семејството ме информираше дека претставници на Министерството за внатрешни работи биле во мојот дом во Скопје, барајќи информативна средба. Немам што да кријам и секогаш сум одлучувал да постапувам со чесност и смиреност, дури и кога околностите биле тешки. Секогаш сум избирал да одам по прав пат, дури и кога тој бил најтежок. Зборував кога другите молчеа, и стоев исправен дури и кога се чувствував сам. Верувам во правдата за општото добро. Со првиот лет ќе бидам во Скопје – не за да се оправдам, туку за да потврдам дека транспарентноста и довербата се единствениот пат напред. Тука сум. Со мирна совест, чист пред себе, со непоколеблива волја – пред Бога и пред законите на државата!“, напиша Кучи на ФБ.

Амбасадор е од 2020 година. Доктор е по уставно право, доцент на Државниот универзитет во Тетово. Таму предавал уставно право, политички систем и уставно споредбено право. Работел во Агенцијата за супервизија на осигурување, а бил министер за економија ов 2016 до 2018 година.

Став беше побаран и од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Тој рече: „Согласно тоа што го кажа лицето кое го споменавте, очекуваме дека за кратко време ќе биде достапно на институциите во Македонија“, рече Тошковски.

На почеток